Битола по 62. пат ги избра спортистите на годината – Прилеп моли за ваква манифестација, а има еден куп шампиони (ФОТО)

Битола градот на спортот, синоќа по 62-ри пат ја одржа манифестацијата Избор на најдобрите спортисти и екипи на Битола за 2025 година.

Присутните ги поздрави претседателот на Општинскиот сојуз на спортови Сашко Павловски, се обрати градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, а во име на министерството за спорт и млади, Илија Ристевски.

“Дозволетеми на почеток да се заблагодарам на Сојузот на спортови што сум дел од вечерашнава манифестација, на која недвосмислено како Општина потенцирам дека спортот во Битола ја имал, ја има и ќе ја има поддршката на оваа локална самоуправа.

Течат подготовките на проектна документација за мултифункционалниот спортски комплекс, изградба на атлетска патека и борилиште на стадионот „Петар Милошевски“, изградба на центар за спорт и рекреативни активности, кој е во полн ек.

Реконструкција на објектот на спортската сала во Бистрица и изградба на три типски училишни спортски сали во училишта во Битола, како и спортски училишни игралишта.

Нашата задача е да се грижиме и да инвестираме во спортот, и тоа го правиме. Како лекар велам-со спортот се бориме против здравствените проблеми и пороците.

Како Општина Битола продолживме и продолжуваме да вложуваме во спортската инфраструктура, професионалниот и училишниот спорт. Секаде со големи букви е запишано и докажано дека Битола е најспортскиот град во Македонија“ рече градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Беа доделени награди за посебни заслуги од образованието, пехари за победниците на 4-то Ноемвриската трка, како и за најуспешните училишта во спортски активности.

Пехари и дипломи за најдобри млади спортисти, како и за најдобрите пет младинци и најдобрата младинска екипа.

Посебни признанија за јубијеи и за посебни заслуги.

„Пелистер Волеј“ и пинг понг клубот „Пелагонија“ третонаградени, второнаграден КК „Пелистер“ и првонаграден РК „Еурофарм Пелистер“.

По наградените најдобри сениорски, младински екипи и најдобри младинци, следуваше изборот на 10-те најдобри спростисти.

Леа Бошевска од Кик Бокс „Самурај“ третонаградена, второнаграден Никола Митревски од РК „Еурофарм Пелистер“, а првонаградени Ален Рустемовски од боксерскиот клуб „Пелистерски јунак“ и Филип Кузмановски од РК „Еурофарм Пелистер“.

Наградите ги доделија претседателот на Сојузот на спортови Сашко Павловски, потпретседателот Ѓуро Илиќ, членот Игор Михајловски, претставничката од Министерството за спорт и млади Гордана Цветковска-Бошевска, претседателот на Советот Бојан Бојкоски, секретарот на општина Битола Борче Димитровски, градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, претседателот на комисијата за спорт Мартин Ивановски и членот Александар Цветановски.

Доделена беше плакета на семејството на Зоран Петковски.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.