Министерството за внатрешни работи, постапувајќи по заклучок донесен од Владата, спроведува постапка за изменување на решението за цените на обрасците за вадење лични документи. Обрасците во моментов се издаваат по цените кои важеа и до сега, информираат од министерството за „360 степени“.
Со решението, додаваат оттаму, се вршат измени на цените, а ќе се применуваат кога решението ќе се објави во „Службен весник“ и ќе влезе во сила.
Цената на пасош за лице до 27 години ќе остане непроменета и таа и натаму ќе изнесува 1 500 денари, но пасошот за лице над 27 години ќе изнесува 2 000 денари, што е зголемување за 500 денари. Цената на личната карта ќе изнесува 310 денари, што е зголемување за 120 денари. Цената на возачката дозвола ќе изнесува 410 денари, што е зголемување за 130 денари.
Ќе има промени на цените и на обрасците за итна постапка. Цената на пасош по итна постапка ќе изнесува 6 100 денари, што е зголемување за 1 600 денари.
Цената на возачка дозвола по итна постапка ќе изнесува 1 230 денари, што е зголемување за 390 денари.
Промената на цените се прави поради зголемените набавни цени на увезени обрасци, зголемени трошоци за одржување на системот, кое се врши од страна на странски економски оператор, како и набавка на нови машини поради укажана потреба од замена на веќе дотраени машини за персонализација итн, информираат од МВР.
До февруари 2024 година граѓаните имаат законска обврска да ги сменат сите лични документи на кои наместо досегашното име Република Македонија треба да стои новото име, кое произлегува од Преспанскиот договор со Грција и Република Македонија.