Би било одлично, кога би се случило: Млада архитектка од Прилеп направи маестрално репроектирање на Домот на културата “Марко Цепенков” (ФОТО)

Јулски вечери на архитектурата е настан каде што магистранти по архитектура од последните 5 години ги презентираа своите магистерски тези. Од 15-17ти јули во книжарница “Илика, беа презентирани дипломските и магистерските трудови на сите архитекти кои што завршиле во последните 5 години и кои го имаат разработувано Скопје и сите други градови. Целта на овој настан е да даде видливост на иновативните, креативните и свежите погледи и идеи за Скопје и сите други градови. Магистерските трудови многу често се длабоки, искрени, неоптеретени од финансиски проблеми, наивни и правилни. И покрај тоа, ретко пошироката јавност, па и самите архитекти можат да се запознаат со истите. Ова е одличен простор младите архитекти да се презентираат себе и својата работа пред повозрасните колеги и останатите заљубеници во архитектурата.

Дел од презентираните проекти беше и одличното репроектирање на Домот на културата “Марко Цепенков” во градот под Марковите Кули, кое е дело на Елеонора Михаиловска од Прилеп. Би било прекрасно, кога би се случило. Овој репрезентативен објект на Прилеп би добил еден нов свеж лик, кој би одговарал на денешните модерни архитектонски трендови.

Еве што вели Михаиловска за својот труд:

„Репроектирањето претставува повеќеслоен проектански процес на реконфигурација на постоечки изградени простори, чие решение е одговор на променливите естетски функционални и социо-културно промени. Загрозеноста на модерната архитектура во Р.Македонија може и треба да се гледа како голем потенцијал за адаптивна пренаменаи реупотреба, со цел нeјзина ревитализација како и заштита. Домовите на култура како манифестации на историското, архитектонското и културното наследство на градот се примери кои праваат значајни релации помеѓу овие теми. Во градот Прилеп ваков пример е Домот на култура „Марко Цепенков“ кој и покрај обемната програма, претставува одговор на проектантските и програмските барањата за објекти од култура во периодот на 20 ти век. Kaко дело на реномираниот архитект Радомир Лаловиќ, истиот има силно историско и културно значење. Современите текови на објектите од култура ги препознаваат новите потреби на културните работници како и посетителите, трансформирајќи ги во нови параметри на проектирање. Користењето и имплементацијата на ваквите практики во градови како Прилеп кои се фестивалски, со ансамбли кои се насочени кон експериментални поставки и силна театарска култура се неминовни.

Основна цел на истражувањето е како да се делува на архитектонското наследство од модерната и како да се пристапи кон нивно архитектонско и програмско репроектирање со цел задоволување на проектанските и програмските барања на архитектурата од 21 век, без да се наруши културниот и архитектонскиот интегритет на објектот. Резултатот е добиен преку методологијата на истражување преку проектирање. Проектот
„Репроектирање на Домот на култура и урбаниот блок 3.13 во Прилеп“ е приказ на сложената природа на примена на процесот на репроектирање на постојни објекти од архитектонско наследство на Модерната, каде решението е базирано врз компромис на борбата помеѓу императивот за конзервација и заштита наспроти современите потреби и барања, залагајќи сé за историски континуитет но истовремено и еволуција на објектот кој не ги негира општествените промени. Проектот се темели на деликатна рамнотежа помеѓу современото и наследеното, идентитетот и функционалноста.Објектот на Домот, проект на Р. Лаловиќ -како наследство неизбежно е поврзано соидентитетот на градот, но и неодложната потреба за нов театар во градот- како потрага по современото. Пристапот кон репроектирање на објектот е претпрочитање и почитување на јазикот на композиција на постоечкиот објект и авторот со цел решението да не го наруши архитектонскиот интегритет на објектот.

Главната интервенција е врз постојните блокови „Д“, „Е“,„Ф“ кои денес се во загрозена состојба пред сé програмски каде целосно или во голем дел се напуштени поради програмската застареност или бележат загуба во авторската идеја. Како резулат блокот „Д“ е реконструиран, а на локацијатана блоковите „Е и Ф“ се проектирани нови. Во ново проектираниот блок „Е“ програмски е лоцирана новата сцената која е од трансформативен формат со капацитет од 138-252 седишта на партер и можност за дополнителни 108 (2×36 и 1×30) места на подвижни галерии за поголеми настани по потреба како и дополнителни помошни програми: гримиорни, сала за читачки проби, студио за музичка продукција, фото
студио, голема работилница за костимографија и сценографија итн. Во овој блок предвидена е и нова кино сала со капацитет од 168 седишта и платно за широка проекција (1:1,85). Со предлог решението е предвиден и нов простор за администрацијата, co- working простор, мала комерцијала, џез клуб и мултифункционално трансформативно плато.

Ваквото архитектонско и програмско репроектирање на постојните објекти претставува промена во парадигмата за зачувавање на културното наследство истовремено поттикнувајќи подлабоко вреднување на објектот во неговиот постоен но и историски контекст. Објектите како Домот на култура се динамични ентитети кои се способни за адаптација кон вечно променливите општествени потреби и истите не треба да се гледаат како „реликвија“ на минатото туку треба да бидат препознаени со своите капацитети и можности за нивна пренамена, адаптација. Па така проектот претставува еден преглед на можностите кон негова адаптација, преку надополнување со комплементарна програма како одговор на институционалните потреби. Ваквиот проектантски пристап би овозможило да се поттикне идејата за заштита и реставрација на објектот како и негова промоција на помлада генерација на корисници, со што би се продолжил и самиот работен век на објектот.

Проектот истовремено претставува критички осврт на постојната состојба на прилепската театарска сцена како и на изградбата на победничкото решение на конкурсот од 2020г., кое сметам дека ќе го стави блокот како и планот на Лаловиќ во уште позагрозена состојба. Неговото нарушување на фронтот на блокот преку рушењето на блок „Д“, како и неговата висина и материјализација која е несвојствена за градот и локацијата се доста проблематични бидејќи новата интервенција започнува целосно да доминира над постојниот објект на Домот како визуелен ентитет кој треба да го дефинира просторот. Директниот контакт со постојниот објект и блок „А“ и заземањето и изградбата врз постојниот и планиран нивен меѓупростор го загрозува делото на Борко Лазески кое е значаен аспект за валоризацијата на објектот. Иако оваа интеграција на фреската во новото решение е планиран концепт и пристап, тоа ја зема целата негова светлина преку длабочината на ново планираното фоаје на победничкото решение. Вториот критички осврт е примената на современите проектантски практики во објектите на култура во Р.Македонија, каде последниот исчекор е направен преку објектот на Македонска опера и балет, а додека последната пропуштена шанса е новиот објект на велешкиот театар. Сметам дека видливото избегнувањето на новите пристапи кон проектирањето на ваквиот тип објекти е пред сé е од страв, страв од промена и неприфаќање, како и општествено така и професионално, но и од стравот за можностите за нивно одржување поради ниските
инвестиции и буџети на културните институции во државата. Стравот треба да биде согледан како динамична и трансформативна сила, која треба да не поттикне да се спротиставиме и да направиме промена. Тој не треба да биде причина за уште една пропуштена шанса во примерот на новиот театарски објект во Прилеп.“




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.