Беше човек за сите додека беше меѓу нас, а како таков несомнено ќе биде запомнет засекогаш. Љупчо Перканоски, човекот кој прерано не напушти, вчера на свеченост во хотелот “Континентал” во Скопје, од страна на Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, беше постхумно одликуван со Златна благодарница за „Трајни вредности во превенција од Dijabetes Miletus.
Благодарница доби и компанијата “Автоконтрол”, која Љупчо ја предводеше заедно со својата сопруга Даниела Перканоска.
Перканоски кој и самиот боледуваше од дијабетес, својата несебична поддршка ја пружаше и во оваа организација, каде помагаше во напорите пред се за подигнување на свеста, како и за превенција и лекување на така наречениот “тивок убиец” – дијабетесот.
„Ќе ми беше мило доколку тој ја подигнеше благодарницата бидејќи и самиот тој се соочуваше со дијабетот. Вие кои успеавте да го запознаете сигурно знаете за каква личност станува збор, а за останатите Љупчо помагаше секаде, a посебно за дијабетот, остави многу дела од кои што зрачеше и сеуште зрачи неговиот дух. Жал ми е што прерано го изгубивме”, рече неговата сопруга и Генерален менаџер на “Автоконтрол”, Даниела Перканоска, која ги прими плакетите.
На свеченоста Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија додели платеки и благодарници и до повеќе други компании и поединци, кои на различен начин ја помогнале работата на оваа организација.
Почивај во мир Љупче! Нам, твоите сограѓани, соработници, пријатели… ни остави голем товар. Тешко ќе биде да ги следиме сите вредности кои ги постави, но ветуваме дека ќе се обидеме.