Пишува: Никола Димески
Една деценија во својата Победа, а сега служи за пример кај кратовчани. Даниел Карчески е големо засилување за Силекс како фудбалер со екстремно искусен профил на играч, низ чии нозе поминале многу натпревари и фудбалски искушенија од кои само може да се акумулира искуство потребно за нови предизвици.
Така е и со прилепската машинерија која го покажува сиот свој сјај во дресот на прволигашот од Кратово. Секој фудбалер на денешшницава крие своја фудбалска магија, своја тајна на зелениот тепих, како и Даниел, кој беше една од главните цели на клубот за кој сега настапува, па затоа и челниците на Силекс веруваат во неговата игра со “бубамарата”.
Карчески за Радио Пела вели дека Силекс на скоро сите позиции има квалитетни играчи, истото тоа важи и за неговата, како играч кој треба да ја поврзи одбраната со нападот, но за него е најважно што се наметнува и го докажува на теренот неговиот ангажман во тимот, од каде очекуваат дека Силекс како екипа со неговите квалитети ќе добиe многу во престојната пролетна полуетапа.
Даниел исто така е задоволен од тоа како го прифатија како соиграч во тимот уште на почетокот на сезоната, па според него целта на клубот е опстанокот во лигата, а потоа шансите за висок пласман и места кои водат во Европа.
Прилепскиот фудбалер своите почетоци ги имаше на седум годишна возраст во фудбалската школа Перак, поминувајќи долго време во едукација и надоградба на својот талент под менторство на тогашниот и сегашен тренер Зоран Димоски – Перак.
Сето тоа беше причина повеќе подоцна да ги помине сите категории во фудбалскиот клуб Победа и да заигра и за првиот тим.
“Сеуште се свежи сеќавањата на моментите кога Победа играше во третолигашкото друштво, вели тој, но тогаш се формираше млада екипа која успеа повторно да го врати клубот онаму каде и му е местото и покрај многуте потешкотии низ кои поминуваше црвено белата армија”, истакна Карчески и додаде дека десетте години поминати во Победа се со срце и на терен.
Сигурно и во новата средина го очекува истиот победоносен ритам со Силекс, па затоа единствено што му посакуваме е да го држи здравјето и многу добри партии во мак фудбалот.
Извор: “Радио Пела”