Во Општина Кривогаштани започа спроведувањето на нова услуга – бесплатни физиотерапевтски третмани наменети за граѓаните на општината.
Според информациите од општината, услугата ќе се реализира еднаш неделно, секој вторник во периодот од 10:00 до 14:00 часот. Целта на оваа иницијатива е да им се овозможи на жителите полесен пристап до физиотерапевтска помош, особено на лицата кои имаат потреба од рехабилитација, третмани за болки во мускулите и зглобовите или превентивна терапија.
Од Општина Кривогаштани информираат дека сите заинтересирани граѓани можат да добијат дополнителни информации за термините и начинот на пријавување на телефонскиот број 076/250-29.
Со оваа услуга локалната самоуправа има за цел да придонесе за подобрување на здравјето и квалитетот на живот на жителите во општината.
























