Двете опозициски партии на Албанците, Алијанса на Албанците (АА) и Движењето БЕСА стојат на ставот дека парламентарното мнозинство во моментов само на хартија ја има подршката од 64 пратеници.
Парламентарното мнозинство во моментов на хартија има 64 пратеници што би требало да биде релативно стабилно мнозинство, но за жал не е така во Собранието. Речиси никогаш, во последно време, ова мнозинство не го обезбедува потребниот број од 61 пратеник за да почнат седниците и да се изгласаат законите кои во над 90% од случаите ги предлага власта. Причините зошто тоа се случува треба да се бараат во партиите и пратениците од владината коалиција, истакнал за „Локално“, Сурија Рашиди – пратеник на АА.
И пратеникот на Движењето БЕСА, Фадил Зенедели причината за не функционирањето на Собранието со полн капацитет ја гледа во пратениците на парламентарното мнозиство.
– Парламентарното мнозинство се чини дека има проблеми со одредени свои пратеници, па затоа Собранието не функционира со полн капацитет во спроведувањето на зацртаниот дневен ред. Изгледа „пожарот“ се уште не е изгаснат, изјави Зендели за „Локално“, алудирајќи на незадоволствата на „Огнената група“ од владејачката ДУИ.