Берберот Стојан Талески од Прилеп: Стрижел 50 офицери во една ноќ, имал 103-годишен муштерија и доживеал еден куп згоди и незгоди

Живот: Берберот Стојан Талески, учесник во настаните од 1980

Служел воен рок во Белград

Мај во 1980 година не беше најубавиот месец оти на четвртиот ден беше соопштено дека во Љубљана престанало да чука срцето на претседателот на СФР Југославија, Јосип Броз – Тито. Веста предизвика ,,шок,, во државата за сите граѓани, а најтешко им беше на оние што беа задолжени да ја бранат, војската. Што се случувало во главниот град, Белград, се присетува Стојан Талески, војник во касарната на Дедиње, во елитната Титова гарда.

– Бидејќи беше недела, бевме излезени в град. Попладнето тргаме накај Калемегдан и се враќаме накај плоштадот Теразие. Гледаме нешто необично – празни улиците. Еден полицаец од спротивната страна иди накај нас. -Што е, си велам, што беља сме направиле, ништо немаме сторено. -Ајде војско, маршалот умре, брзо в касарна. Кога не фати еден страв – трчај по тоа улиците. Дваесетгодишни деца, млади, а касарната далеку. Трчај-плачи, трчај-плачи. Цела Југославија плачеа и мажи жени, не па ние, војници. Градскиот сообраќај каде што ќе видеше војник, го качуваше. Така и нас попатно не зедоа в трамвај и не однесоа в касарна – раскажува Талески.

Драматиката продолжува и в касарна. Нема ни минута одмор. Стојан, по професија бербер, бил бербер и во Титовата гарда. Пресудниот ден кога вечерта се вратил в касарна, го пречекал дежурниот старешина кој му кажал дека со нетрпение го чека командандот. А штом го бара командантот, се знае дека е за нова задача. Пред него е цела вечер со работа.

– Ми нареди да ги стрижам офицерите од Офицерскиот баталјон. Мораше итно, беа во подготовка за преземање на телото од Љубљана до Белград и за церемонијата на закопот. Цела вечер ги стрижев, до сабајлето, до 3-4 часот, сите. Можби беа 50 и повеќе. Гледам едно време ми се приспа, од умор. До мене е старешината. -Што е? -Уморен сум, ми се спие. Колку ли е часот? -Не гледај на часот. Сите југословенски часовници вчера застанаа. Ме исплаши. Стравот ми влезе в коски. Што ли ќе се случува натаму со нас, со мене. Дали ќе ме пуштат, уште некој месец требаше да служам? -Не плаши се, исто ќе биде како досега. И вистина, нормално си беше, завршив со војската до јули – се присетува Стојан.

Закопот на Тито беше настан следен не само од 22 милиона Југословени, ами и од стотици милиони телевизиски гледачи низ светот. За да биде спектакуларен погреб имаше подготовка од три-четири дена, до четвртокот. Меѓу малкутемина сведоци на тие подготовки е токму Стојан, чии работни простории во касарната се во близина на Дедиње и ,,Куќата на цвеќињата,, каде е гробот на Тито.

– Уште утрото кога се враќав за да одам на спиење, бината ја правеа за церемонијата и делегациите. Ја направија од дрва, талпи и на секое место имаше бројка за да се знае за кој државник е. Потоа не повикаа група од 350 војници за да ја испробаме бината. -Рипајте војници. Ако се скрши бината, сега нека се скрши, а не кога ќе бидат тука државниците. За време на погребот на истото место ги видов одблиску Брежњев, Ганди и многу други… Дојдоа од цел свет.

Во тоа време беше престиж да се биде покрај Тито, без оглед дали е мртов или жив. Стојан имал можност да го види жив тој светски политичар неколку месеци пред да отиде на последното патување, до Клиничкиот центар во Љубљана. И потоа му понудиле да лета со авион до таму за да ги стрижи гардистите, но одбил поради страв од летање. Според ова, претседателот жив го гледал во периодот од април до декември 1979 година, во тие седум-осум месеци.

– Мало човече, а само телевизорот го кажуваше голем. Три црни мерцедеси го возеа со ист регистарски број. Да не се знае со кој се вози. Исто и за Синиот воз. Три сини воза беа. Никогаш не се знаеше со кој воз патува. Кога го носеа од Љубљана мртов, пак три воза стигнаа до Белград. Тоа се вика безбедност – вели Стојан.

Војничкиот живот останува во спомен цел живот. Така и кај Стојан не се бришат спомените за 15 месеци. Офицерите се чуделе како стигнува сам да сработи исто толку, колку што претходно работеле четворица. Не му било тешко оти претходно имал обука четири ипол години кај Бошко Маестро во Прилеп. Касарната која ја напуштил во јули 1980 година, ја посетил во 2016.

– Отитов со син ми пред капијата, на Дедиње. Истата капија, ама фирмата сменета. Наместо ,,Касарна Маршал Тито,,, сега пишува ,,Војска Републике Србије – Гарда Србије,,. Излегува еден млад стражар, културен. -Добар ден. Што можам да ви помогнам? -Добар ден војниче. Извини, многу сум возбуден. Да ти кажам, да не мислиш оти сум некој шпион, еве види ја војнава книшка со слика и печат. -Леле, се фати за глава, дали може оваа книшка 37 години да се чува? -Војниче, убавите спомени се чуваат докрај.

Заедно со монаси на врвот Крчин

Талески ја сака природата и често планинари. Во август бил дел од група што се искачила на врвот Крчин на планината Дешат. Целта била да се присуствува на литургија на врвот, каде некогаш имало манастир. Издржал иако претходно цел ден стрижел, а рано сабајлето берел тутун.

– Бев преморен и им реков на колегите: Ако се умри, монасите нека ме отпеат. Ама дава Господ сила. Дури 30 монаси и монахинки беа со нас. Ако монахинките можат, и ние можеме. Тогаш видов млади луѓе, а големи верници, што постат.

Потоа и во Бугарија успева – за два дена два врва искачува: Вихрен на Пирин и Мусала на Рила.

Муштерија на 103 години

Секакви муштерии имал Стојан за 44 години работа, во четирите дуќани. Како лекарот, така и берберот не може да одбира – стрижи секого и старо и младо.

– Имаше еден родум од Ореовец, со 103 години. Во Марино Маало живееше и идеше во дуќанот кај Ѓогдере. Учителка Бугарка го учела од прво до четврто одделение. Кажуваше една стихотворба ,,Красна е нашата татковина,,. Ја памтеше цела. Здрав-прав беше, ама го удри кола в чаршија и на самото место умре.

Стрижен на две рати

– Зимно време беше, 1983 година. Снег до колена, а едно момче иди: Мајсторе стрижи ме ,,лустер,,. Ми плаќа однапред. Половината го острижив и… – ммм… прави и – падна од столица. Се исплашив и Брза помош викнавме. Трчам кај докторите: Докторе, ми умира муштерија, бргу! Докторот и сестрата, трчаме сите, го качивме в кола. Таман го качивме, се освести и ни избега половината стрижен, половината нестрижен. Срам ме фати, по улица таков бегаше. По неколку дена дојде да го дострижам. Имал ,,падавица,,, ми кажа.

Умрен – оживеал

– Што немам доживеано? Стрижам во зимно време. Иди еден стар 85 години, стално го бричев. Се стопли и седи, чека ред. Таман дојде на ред, му велам: Чиче, ајде рипај!. – го удирам по плеќи. Ајде рипај! – уште еднаш. Го фаќам за рамена – не мрда. Претходниов муштерија го фаќа за рамена и вели: Абе Стојан, овој умрел! – Аман бе! Кога ме фати еден страв. Што правам сега? Јавувам во Брза помош, дојдоа. Сестрата му ги отвора очите: Докторке, овој отишол! – констатираа смрт. Јас се тресам. Го качивме во комбето и го однесовме в капела. Ама никој не знаел да им каже на најблиските веднаш, така останал ден-два таму. По ден-два донесле и некој друг до него в капела. Кога го носеле другиот – чудо. Гледаат овој диши, мрда. Ајде одма докторите, го оживуваат. По еден месец иди истиот човек в дуќан, се смее. Јас го прежалив, а тој – жив.

Извор: “Неделник Зенит”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.