Бербер Љупчо: “Порано се носеа познатите “тарзанки”, a многумина прилепчани носеа фризури како онаа на Елвис Присли”

Љупчо Атанасоски својата берберница, сместена во улицата на бочварите во Старата прилепска чаршија, ја наследил од својот татко. Ова не е обична берберница каде луѓето доаѓаат и си одат, неговиот дуќан е со посебен шмек, позитивната енергија се чувствува од самиот влез, а насмевката и ведрото лице на бербер Љупчо се нешто посебно што го краси овој дуќан. Занаетот го наследил од својот татко, а дуќанот постои уште од далечната 1952 година. Ние успеавме да му ги вратиме сеќавањата и дознавме што се кријат овие четири ѕида и што ги прави толку уникатни и посебни.

BeFunky Collage

Кажете ни накратко за историјатот на оваа берберница, од кога постои во прилепската стара чаршија и од кого ја наследивте?

Оваа берберница постои од 1952 година. Кога се турнале старите дуќани кај “Саат кулата” и “Градската кафана”, преместена е на оваа улица.

Ја наследив од татко ми, од него ја наследив и берберницата и занаетот.

Како берберите се прилагодуваат на модата, колку е лесно или тешко да се следи денешниот тренд на брза промена на она што е модерно? Тука мислам на изгледот на фризурите и обликот на брадите и мустаќите?

Сега не ја следам многу модата, јас сум постар и дури можам ќе работам вака. Младите нека си гледаат по ново, ние по старо, класично. Од Франција сите физури што се правеа, за жал сега ги нема.

16933332_10210432546681641_71842929_n

– Што се однесува на обликот на брадите и мустаќите , чичко Љупчо вели “Tоа е уметничко цртање, лесна работа за тој што  знае да ја работи”.

-Постарите луѓе обично идат за бричење, а младите за стрижење.

Денес веќе има и школи, па децава отвараат дуќани, а немаат никаква пракса.

Многу за работата научив од тетка ми која беше фризерка, од Димче Ајдаро, Докле, Гарбе, сите се стари  мајстори.

16924001_10210432546921647_516460047_n

Муабетите и досетливите шеги се одлик на берберниците. Дали таа карактеристика е задржана и денес? Дали владее истата атмосфера и денес?

Во мојот дуќан атмосферата е иста со постарите луѓе, а со помладите е поразлично. Идат и млади, но сепак тоа и генерациски е поврзано. Компјутерите изменија многу работи.

16923892_10210432546201629_1027341489_n

Дали сте имале некој посебен лик кој сте го постригувале, а се разликувал од сите останати секојдневни муштерии?

Во мојава берберница иделе многу интересни ликови, но сега ги нема. Поранешни фудбалери на  Победа и други спортисти, легенди на Прилеп.

Не би сакал да ги набројувам, многу се.

Дали користите стари рачни машинки или целосно ги имате заменето со новите современи електрични машинки?

Како што поминува времето и ние мора да се прилагодуваме и да не заостануваме. Електричните машинки сега ги има во секоја берберница.

16901694_10210432546761643_393147589_n

Која е денешната најчеста фризура или облик на брада која ја бараат муштериите од вас, има ли нешто што го одбележува денешното време?

Порано се правеа различни фризури: класична, средна, германска, ние по старо што ја нарекувавме“лаброс”, а овие новиве фризури со тргање на линии се копија на фризури од фудбалери.

Денес скоро и да не се носи класична фризура. Во минатото се носеа и познатите “тарзанки”, фризурата на познатиот голман Енвер Мариќ. Многу често се случувало некој да дојди и да ми речи потстрижиме како Елвис Присли, многу луѓе носеа таква  фризура.

Дали ви се случило да погреште во работата и да испратите незадоволен муштерија?

Само тој што не работи нема направено грешка.

16901916_10210432545561613_923649914_n

Дали се живее добро од оваа професија?

За нас постарите бербери е тешко. Сепак голема улога има и местоположбата на дуќанот, генерациската разлика, а сега од школите секоја година излегуваат нови бербери и фризери.

Порано и селата  беа полни со луѓе, денес се целосно иселени. Покрај мене овде имаше многу занаетчиски дуќани, самарџии, дограмаџии, јорганџии… Сите  ги затворија дуќаните. “Старата чаршија” не е тоа што беше, занаетчија не остана.

Во минатото владееше убава атмосфера во “Старата чаршија”, постојано се собиравме сите кои работевме овде, денес ништо од тоа нема.

 За крај, кажете ни дали имате ли некој кој би ве наследил во семејството ?

Немам кој да ме наследи.  Ниту во фамилијата, ниту некој друг. Јас сум веројатно последниот бербер што ќе  работи во овој дуќан.

 

Подготви: Филип Георгиоски




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.