Во услови кога цела Европа е соочена со една од најголемите енергетски кризи, Владата преку АД ЕСМ успеа со навремени мерки да се справи со ценовниот шок кој што беше неминовен. Успеавме да обезбедиме минимален раст на цената на струјата и парното, а во време кога сите земји во регионот имаат рестрикции на струја, обезбедивме непречено снабдување со електрична енергија за сите домаќинства и мали потрошувачи, порача денеска министерот за економија Крешник Бектеши.
За оваа намена, како што кажа на денешната прес-конференција во Владата, со цел да се амортизира покачувањето на цената на електричната енергија и на парното, од Буџетот на државата на двапати на крајот на 2021 и на почетокот на 2022 година на ЕСМ му беа префрлени вкупно околу 10,6 милијарди денари или 171 милион евра. Потсети дека веќе изминаа пет месеци откако Владата донесе одлука за прогласување на кризна состојба во електроенергетскиот сектор и скоро три месеци од одлуката за прогласување на кризна состојба на пазарот со топлинска енергија.
-Заложбата на Владата е во услови на криза, без оглед каква, пред се, да ги заштити граѓаните и стопанството. Навремено ги донесовме мерките за прогласување кризна состојба и можам слободно да кажам дека Северна Македонија беше една од првите земји во регионот, но и пошироко која што веднаш донесе мерки за справување со ценовните шокови кои што дојдоа однадвор, рече Бектеши.
Со средствата кои што Владата ги обезбеди за АД ЕСМ, потенцира, компанијата беше задолжена да ги набави потребните количини на гас, мазут, јаглен со цел да ги активира сите домашни капацитети за непречена испорака на електрична енергија до Универзалниот снабдувач ЕВН хоум, но и топлинска енергија до корисниците на парно.
-Овие мерки резултираа со многу помала корекција на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи која од почетокот на годината се зголеми за 9,4 отсто додека цената на струјата на берзите бележеше рекорди, како и помали цени на топлинската енергија за корисниците на парно од реалната пазарна вредност, односно цената изнесува околу 20 отсто од пазарната, потенцира Бектеши и додаде дека во цела Европа имаше покачувања на цената на струјата од 20 до 30 отсто, а во Турција за цели 120 проценти.
Нагласи дека реалното зголемување на цената ќе беше многу поголемо доколку Владата и АД ЕСМ не преземаа обврска да им помогнат на државните енергетски компании во наредниот период.