Трактор со приколка и косачка како донација доби Општина Македонски Брод. Како што е соопштено тракторот е марка Солис, а инвестицијата е од Бирото за регионален развој.
Како што рече градоначалникот Живко Силјаноски, механизацијата вредна 1 900 000 денари, ќе се искористи за повеќе намени.
-Тракторот ќе се користи за подобрување на комуналните услуги и за собирање смет. Со дополнителната приклучна опрема, косачката, ќе се отстрануваат ниско стеблести дрва и гранки по локалните патишта, ќе се коси тревата на двете страни од сите патишта, бидејќи при интензивна вегетација ги стеснува коловозите, а ќе биде од полза и за косење на тревата на градскиот стадион и негово континуирано одржување, рече градоначалникот.
Тој информира дека од Бирото за регионален развој се обезбедени и средства за два инфраструктурни проекта што се реализираат во Општина Македонски Брод.