АСОМ: Уредбата за онлајн обложyвање треба да се преточи во трајно законcко peшение

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија смета дека уредбата со која во земјава се овозможи он-лајн спортско обложување преку домашните лиценцирани сајтови треба да се преточи во трајно законско решение. Законското решение ќе има заемни придобивки и за државата и за индустријата, што всушност го потврди и носењето на самата уредба.

Уредбата придонесе спортските обложувалници да ги задржат сите вработени, но и да се овозможи прилив на средства во државниот буџет и кревката економија погодена од ковид кризата. Според проекциите на АСОМ од мај до крајот на годинава, од 4-те посто посебна давачка за онлајн ќе се слеаат околу 35 милиони денари, а од 15-те посто данокот на личен доход, околу 65 милиони денари, или 100 милиони денари за пет месеци само од оваа услуга.

Уредбата се покажа како одлично решение за одржливост на оваа индустрија која вработува околу 4.500 луѓе и има силен придонес во државната економија, дотолку повеќе што спортското обложување беше едно од најпогодените гранки од кризата. Најнапред заради немањето пласман и откажаните утакмици и првенства насекаде во светот, а подоцна и заради тоа што објектите на спортските обложувалници со рестриктивните мерки на Владата беа затворени речиси два месеци.

„Оваа уредба на Владата е донесена како соодветен одговор на корона кризата и таа де факто помогна да се зачуваат многу работни места кои директно и индиректно ги одржува индустријата на игри на среќа, како и егзистенцијата на повеќе од 54.000 лица кои целосно или делумно зависат од генерираниот личен доход во целиот синџир на вредности кој го создава оваа индустрија“, појаснуваат од АСОМ.

Потенцираме дека од особена важност е да не се дозволи ниту ден прекин помеѓу уредбата и законското решение бидејќи тоа би предизвикало недоверба кај играчите, нивно сигурно враќање на странските сајтови и одлив на средства.

„И покрај тоа што он-лајн обложувањето, согласно член 19 од Законот за игри на среќа на странските сајтови е спротивно на законот и ваквиот начин не гарантира никаква безбедност во однос уплатите и исплатите, играчите сепак практикуваа и сé уште практикуваат он-лајн обложување на странски сајтови, меѓу другото и заради тоа што го избегнуваат данокот на личен доход. Он-лајнот кај нас е во зачеток и потребно е луѓето да се навикнат да ја користат оваа услуга, но и да се придобијат оние кои веќе играат на странските сајтови каде се одлеваат средства, според нашите анализи помеѓу 40 и 50 милиони евра годишно“,велат од АСОМ.

Уредбата е донесена на 24 април и истата е со важност до 22 декември. Во услови на Ковид-19 и намалено движење на граѓаните во зимскиот период, доколку не се регулира он-лајн спортско обложување преку македонските спортски обложувалници, постои опасност да се намалат приходите во оваа индустрија и државниот буџет на сметка на одлевање на средствата на играчите на странски сајтови за обложување.

Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија е активен чинител во општеството и заедно со своите членки работи одговорно, создава услови за работа и кариера, придонесува во економијата и активно делува на полето на општествената одговорност за поддршка на заедницата. АСОМ е формирана 2013 година, а членки на асоцијацијата се: Моцарт, Спорт Лајф, Златна Копачка, Евротип и Марбет.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.