Територијата на општина Кавадарци вчера во попладневните часови беше зафатена со силен дожд од околу 40 литри на метар квадратен, а планинскиот дел на општина Кавадарци бил зафатен со град и дожд, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од Територијалната противпожарна единица пак, во изјава за МИА, истакнале дека повеќе пожарникари вечерва испумпуваат вода од неколку критични места во градот, како резултат на поројните дождови.
– По интензивниот ветер и пороен дожд кои вечерва ги зафати Кавадарци и околните места, на терен веќе неколку часа интервенираат службите од Мој Општинар, ТППЕ Кавадарци и ЈП Комуналец. Се работи на интервенција и санирање на одводи, подрумски простории и наноси од големото количество на дожд. Граѓаните кои имаат било каква потреба од интервенција, можат да се јават во Кол центарот на Општина Кавадарци на бројот 13-300, соопшти градоначалникот Митко Јанчев на социјалните мрежи, јаде објави и снимки од штетите по обилниот дожд.
Кавадарци и Неготино беа општините кои и пред неколку дена беа зафатени од невреме. Во Кавадарци имаше поплавени подрумски простории, а во Неготино неколку куќи беа со оштетени кровови.