Анкетите се гласот на народот кој одлучува каков профил на градоначалник сака

Во пресрет на локалните избори, на политичките партии им се отвора можност за нов почеток – можност да покажат дека навистина ги слушаат граѓаните и дека демократските вредности не се само фрази во нивната реторика. Во таа насока, анкетите претставуваат важен инструмент – јасен показател за тоа што мислат, чувствуваат и посакуваат луѓето на кои им се служи.

Граѓаните најдобро знаат кој е човекот што заслужува доверба, кој има капацитет, искреност и визија да го води нивниот град напред. Затоа, токму анкетите се првото мерило кое треба да се земе предвид при изборот на кандидат за градоначалник. Тие не треба да се гледаат како обични бројки, туку како првичен глас на народот – глас што треба да биде слушнат и почитуван.

Време е да се надминат старите модели на партиски калкулации, закулисни договори и кандидатури што се наметнуваат од oд различни кујни без притоа да се слуша мислењето на народот. Локалните избори се најблиску до народот – токму затоа и изборот мора да биде народен. Доколку политичките партии навистина сакаат победа, но и почит од граѓаните, треба да го изберат оној кој народот го препознава како најсоодветен преку анкетите.

Со слушање на анкетите, партиите не само што ја зголемуваат својата шанса за изборна победа, туку и испраќаат порака дека ја почитуваат волјата на граѓаните. Само така ќе се добие кандидат кој не е само “партиски избор”, туку вистински лидер со поддршка од заедницата.

Граѓаните се тие што живеат со последиците од одлуките на локалната власт – затоа и тие треба да бидат првите кои ќе имаат збор во тоа кој ќе биде кандидатот. А анкетите се токму тој прв збор.

Ако политичките партии се водат по гореспоменатите вредности, ни следува интересна есен и изборен циклус!




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.