На 15-ти октомври ќе се наврши една година од промената на локалната власт во Прилеп и едногодишното владеење на градоначалникот Илија Јованоски и неговата администрација.
На 15-ти октомври минатата година, Јованоски победи во дуелот со Марјан Ристески, кој 12 години беше на чело на една од најголемите општини во Македонија.
Резултатите тогаш беа следни:
За Илија Јованоски гласаа 23.607 гласачи, или 51,07% од гласачите, додека Ристески тогаш ја доби довербата од 20.917, или 45,25% од гласачите.
Разликата изнесува 2690 гласови во корист на Јованоски, разлика која му донесе победа во првиот изборен круг.
Имајќи ги во предвид резултатите од неделниот референдум, каде предводник на така наречената коалиција “За европска Македонија” беше СДСМ, може да се заклучи дека разликата од локалните избори е целосно стопена и дека градоначалникот и партијата на власт треба сериозно да размислат на што се должи ваквиот драстичен пад и пораз од прилепчани.
На референдумоското прашање за промена на државното име, позитивно се изјаснија 20.451 гласачи, или за 3.156 помалку од локалните избори во 2017 година.
Ако се земе бројот од 64.225 запишани во избирачкиот список во Прилеп, за промена на државното име се изјасниле помалку од една третина од гласачите, што покажува дека прилепчани не веруваат само на слатки зборови, туку им биле потребни и конкретни дела, нешто што во изминатата година дена недостасува.
Според она што се пишуваше во медиумите за денот на референдумоското изјаснување во Прилеп, забележани се нерагуларности од секаков карактер.
На тоа реагираа и од ОК ВМРО-ДПМНЕ од Прилеп, од каде посочија дека сите сторители ќе одговараат пред законот.
Според првичните анализи падот на поддршката за СДСМ од локалните избори изнесува и до 5000 гласови, имајќи во предвид дека голем број гласачи биле повикувани и известувани преку СМС пораки дека ВМРО-ДПМНЕ донела одлука да се излезе и да се гласа против на референдумот.
Од партијата информираа и за вршење пристисок и закани, носење на гласачи со службени возила до гласачките места, агитирање од страна директори и високи функционери на избирачките места и низа други нерегуларности.
Се чини прилепчани му удрија шамар на СДСМ и градоначалникот за неисполнетите ветувања за 20% пониски сметки за вода за пиење, изградба на нов театар, затворен базен, обиколници, нови училишта, реконструкција на Старата чаршија…..