Фото/printscreen/youtube/Videography by Aleksandra Dukovska
Вес Мичел, помошникот државен секретар на САД задолжен за Европа и Евроазија, денес информираше дека поднел оставка од функцијата. Мичел, кој беше ангажиран во притисоците врз Македонија да се прифати договорот за менување на името, одбра соопштението го објави преку „Вашингтон Пост“, весник кој е на „воена нога“ со претседателот Доналд Трамп, но сепак инсистира дека причината за неговото повлекување е од личен, а не политички карактер – објави порталот “Република”.
Со навршувањето на втората година на оваа администрација, сметам дека реализирав се што сакав да направам, и дека ми е време повеќе да се посветам на моето младо семејство, на моите деца Весли и Шарлота. Целосно го поддржувам тимот во Стејт Департментот и работата што ја вршат, но моите деца доаѓаат на прво место, изјави Мичел за „Вашингтон Пост“.
Тој беше номиниран уште во мандатот на првиот државен секретар предложен од страна на Трамп, Рекс Тилерсон, кој откако беше отпуштен во март 2018 година стана критичар на претседателот. Мичел остана на функцијата и во мандатот на секретарот Мајк Помпео.
Мичел ја посети Македонија во март, а потоа и во септември, да ги повика граѓаните да излезат и да гласаат на референдумот за менување на името. Откако граѓаните го бојкотираа референдумот, Мичел изрази разочарување од ставот на ВМРО-ДПМНЕ, но сепак ги повика властите да го спроведат договорот со Грција. Мичел тогаш упати отворено писмо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во кое оцени дека, независно од исходот на референдумот, партијата треба да гласа за преименувањето на државата. Мицкоски одговори дека ВМРО-ДПМНЕ не може да поддржи договор кој „е отфрлен на референдумот од убедливо мнозинство од граѓаните, со кој се менува Уставот за да се промени името на државата, и со кој се бара од Македонците да се откажат од сите свои стекнати права“.
Мичел дојде во Стејт Департментот од аналитичката организација ЦЕПА, која важи за силен промотор на активна американска надворешна политика, пред се во сузбивање на влијанието на Русија во Европа. Во интервјуто за Вашингтон Пост, Мичел ги уверува новинарите дека претседателот Доналд Трамп останува посветен на американската улога во НАТО, и покрај бројните критики кои Трамп ги упати на сметка на оваа организација.
Извор: “Република”