“Алфа ТВ”: Прилепчани гневни за Јане Ченто (Видео)

Одлуката на Судот, Јане Ченто да биде осуден на 15 години затвор за учество во настаните од 27-ми април, болно одекна во неговиот роден град, Прилеп. Поголемиот дел од прилепчани со жалање констатираат дека казната била превисока, а некои од нив во истата препознаваат и политички реваншизам – oбјави “Алфа”.

Попладнево се обидовме да го исконтактираме и семејството на Јане Ченто, меѓутоа, нашите обиди останаа безуспешни. Семејниот дом на Ченто беше празен, а неговите родители не одговараа на телефонските повици. Како што неофицијално дознавме, мајката и таткото на Јане биле во Скопје.

Марија Јакимоска – Ченто, пак, која е ќерка на првиот претседател на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, и баба на Јане Ченто, видно вознемирена, во краткиот телефонски разговор, ни кажа дека не е во состојба да дава никакви изјави, а не можела ниту да го гледа изрекувањето на пресудата на Јане, бидејќи, како што рече, болната историја на ова револуционерно семејство, продолжувала да се повторува.

Огорченост, гнев и фрапираност и во МПЗ „Пере Тошев“, чиј претседател е токму Јане Ченто. И оттаму, засега не сакаа јавно да ја коментираат пресудата.

Каролина Дурло за “Алфа ТВ”




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.