Академски граѓани или вандали? Несовесни студенти ги уништуваат новите лифтови во студентските домови (ФОТО)

Несовесни студенти ги вандализираа новите лифтови во државните студентски домови само неколку месеци по нивното поставување.

liftovi640

По оштетувањето на новоинсталираните лифтови во “Кузман Јосифовски-Питу“ и “Гоце Делчев“ каде студенти предизвикаа и дефект на сигурносната врата, до нашата редакција пристигнаа и фотографии од лифтовите во студентскиот дом “Пелагонија“ во општина Кисела Вода, на кои може да се види дека целосно е уништена внатрешноста на кабината, па се добива впечаток дека лифтот е во употреба неколку децении, иако се уште не е изминат ниту неговиот гарантен период.

lift-5

Но, гаранциите кои ги даваат производителите се за проблеми и дефекти кои би се случиле од технички аспект, а не за проблеми со домашното воспитување и чувство на одговорност од страна на оние кои наместо лифтовите да ги користат за возење, ги користат за излевање на личните фрустрации, бес и нервоза.

lift-2

Ги контактиравме надлежните, кои велат дека се запознаени со ваквите состојби. Санкции се превдидени, но само доколку сторителите бидат пронајдени – што досега не е случај. Има и случаи кога ниту безбедносните камери, онаму кадешто ги има, не ги спречуваат дел од студентите да се однесуваат спротивно на правилата за престој во овие установи и да ја спроведат лошата намера.

Инаку, лифтовите беа набавени од страна на Министерството за образование и наука пред само неколку месеци.

lift-3

“Ова е исклучително значајно затоа што на овој начин ќе се подобри целокупната фреквенција и функционалност во студентските домови, а тоа пред сé е во интерес на студентите“, истакна заменик министерот за образование Спиро Ристовски при промоцијата на инвестицијата вредна 15 милиони денари.

lift-1

Наскоро државните студентски домови ќе добијат и целосно нов мебел. Дали новите кревети, душеци, плакари, бироа и столици, ќе ги снајде судбината на лифтовите, зависи од свеста на идните академски граѓани, кои во прилично голем дел бесплатно, или по минимални цени ги користат државните услуги за сместување, престој и исхрана за време на студирањето.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.