После цели 100 години во Прилеп, во населбата Точила, се изгради нова црква посветена на православната светителка Света Петка. Овој велелепен храм се градеше цели 7 години, а за неговата изградба беа организирани и повеќе донаторски конференции. Најзаслужни секако за изградба на храмот се бизнис секторот од Прилеп, верниците и општина Прилеп.
Храмот беше осветен на 24 октомври 2015 година со Божествена литургија со која чиноначалствуваше Владиката Петар, Митрополит Преспанско – Пелагониски, а со него сослужуваа владиците Јосиф, Митрополит Кумановско-Осоговски, и Јосиф, Митрополит Тетовско Гостиварски.
Црквата доби и нова камбанарија, а хортикултурно се уреди и малиот плоштад пред црквата, кој доби фонтани, клупи, канделабри и друга урбана опрема. Моментално се работи на фрескоживописот на црквата кој е завршен над 40 проценти. Иконостасот на црквата е изграден од бел мермер.
Во иднина до црквата треба да се изгради уште и административна зграда, во која ќе бидат сместени канцеларии за свештениците и кујна и трпезарија за верниците.
Црквата доби и свој црковен хор кој стана вистински препознатлив бренд за Прилеп.