Централното градско подрачје во Прилеп во изминатите 12 години доби целосно нов лик. Повозрасните сеуште се сеќаваат на уништените тревници, руинираните пешачки патеки, искршената урбана опрема, отпадот …. Прилепчани денес се гордеат на плоштадите и местата за одмор и рекреација, но во наредите 4 години ќе се реализираат бројни проекти со кои централното градско подрачје ќе биде можеби и најмодерно во целата држава.
Во програмата од новата ера за Прилеп на актуелниот градоначалник Марјан Ристески и кандидат за нов мандат, се предвидува следното:
Булеварот “Гоце Делчев” ќе биде гордост на градот. Предвидена е изградба на уште два нови кружени текови кај поранешна “Градска кафеана” како и кај раскрсницата пред домот за култура “Марко Цепенков”, a за таа намена локалната самоуправа ќе оддели буџет во висина од 20 милиони денари.
Покрај тоа булеварот ќе добие нови современи пешачки патеки од двете страни на потегот од спомен комплексот “Kарпалак” до хотелот “Липа”.
Со буџет во висина од 30 милиони денари партерно ќе бидат уредени со посебен режим на сообраќај улиците Андон Слабејко, Орде Тутески, Стеван Димески, Илија Василески, Борка Левата, Сотка Ѓорѓиоски и улицата Републиканска, а предвидена е и изградба на ново шеталиште “Корзо” од улицата Димо Наредникот до паркот на Могила.
Срцето на Прилеп “Старата градска чаршијa” ќе биде целосно реконструирана, при што ќе се обноват фасадите на дуќаните, ќе се постави ново осветлување, а просторот на чаршијата ќе добие ново партерно уредување.
Во соработка пак со бизнис секторот ќе се продолжи со обновување и бојадисување на фасадите од зградите во централното градско подрачје, при што бетонското сивило на преостанатите згради ќе замине во историјата.
На површина од 4000 м2, ќе биде довршена со поплочување ул. „Борка Талески“ на потегот од ООУ „Кочо Рацин“ до плоштадот Методија Андонов Ченто. Ќе се постават нови мемерни и гранитни плочи, со модерно осветлување и хортикултурно уредување, како и нова урбана опрема (столчиња, паркинг места за велосипеди, клупи, корпи за отпадоци).
На местото на старата општинска зграда и старата зграда на Водовод и канализација, на површина од 8000м2 предвидена е изградба на современ трговско-деловен и стамбен комплекс, а доизграден ќе биде и деловниот центар кај некогашниот млечен пазар каде инвеститор е компанијата Тинекс.
Предивена е и реконструкција на мостот кај Димо Наредникот, како и на малиот мост кај новиот трговски центар “City Center”
Заедничкиот станарски простор на Бизнис центарот ќе биде реконструиран и ќе добие ново осветлување, а истото ќе се направи и во други колективни срамбени згради во општината.
Прилеп ќе добие и нов плоштад околу црквата Св. Благовештение или Стара Црква, а истиот опфаќа партерно уредување со гранитни плочки, зелени и водени површини, како и урбана упрема, на површина од 4500-5000 метри квадратни околу овој свет храм.
Со сите овие проекти и претходно реализираните Прилеп ќе го добие еден од најубавите центри во државата, кој ќе биде мета на голем број домашни, но и странски посетители.
А/Г/