Храмот Св. Петка организира предавање по повод формирањето на ДЕТСКИОТ ЦРКОВЕН ХОР – Можат да се запишат деца на возраст од 7-15 години

Организирањето на детски, односно младински црковни хорови е дел од културниот живот во многу земји во светот, првенствено земјите од Европската Унија. Но, исто така многу детски хорови се дел од црковните традиции на православните држави како што се Србија, Романија, Грција, Русија итн. Во Македонија моментално постојат неколку детски хорски ансамбли, кои повремено учествуваат на црковните богослужби во нивните заедници, додека во нашиот Прилеп, таков сличен хор бил организиран во периодот помеѓу Двете светски војни од минатиот 20 век.

Фото/oldprilep.mk

Токму затоа оваа иницијатива за формирање на прилепски хорски ансамбл составен од нашата младина, добива посебна важност и значење, затоа што со своето делување ќе придонесе за суштинско унапредување на хорската култура и развојот на литургиската музика во Македонија.

Членството во еден ваков ансамбл, на младите дечиња ќе им понуди развивање на музичките способности, во кои спаѓаат: музичкиот внатрешен слух, вокалната техника, групното музицирање итн., од една страна, додека од друг аспект хорот нуди структура, работна дисциплина и навика, чувство на одговорност и што е најважно чувство на постигнување и интелектуална надградба.

Фото/oldprilep.mk

Од духовен аспект, децата ќе имаат можност, со повременото учество на Светите Литургии, да се запознаат и со основните вистини на Православната вера, како и одблиску себеси, т.е. со своето пеење да станат дел од богослужбениот живот на нашата Света Црква.

Во тој контекст, запознавајќи се со така нареченото источно-црковно пеење, кое всушност е старото македонско пеење, младите членови на детскиот црковен хор на Св.Петка, ќе ја имаат ретката можност да ги научат благословените музички химни, кои се пеат на Св.Литургија.

На претстојната Јавна лекција, по која ќе биде запишувањето на сите заинтересирани кандидати на возраст од 7-15 години, сите присутни граѓани ќе имаат можност да се запознаат со еден тема за музиката, за која малку е истражувано и говорено кај нас, како и во постојното музичко образование на децата во основните и средните училишта во Македонија.

Предавањето на тема „Музиката како средство за издигнување на човечката душа и како средство за воспитување на младите во светлината на Богојавленската тајна“, ќе биде произнесено од протопсалтот м-р Гоце Секулоски, кој во областа на црковното пеење во Македонија делува повеќе од 20 години, не само како црковен псалт и поранешен професор по црковно пеење во Македонската богословија, туку и како црковен композитор на православни духовни химни кои својата примена веќе ја нашле во богослужбената пракса на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

Настанот ќе се одржи во просториите на храмот Св. Петка во населбата Точила, на 25.01.2018 година, со почеток од 18:30 часот.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.