Најголемиот и најубавиот парк во Прилеп, “Паркот на револуцијата” или “Могила на непобедените”, полека го губи својот сјај.
Ѓубре на сите страни, искршена урбана опрема и уништено осветлување, е сликата на која наидуваат прилепчани изминатиот период.
Граѓаните реагираа до нас за негрижата на локалната власт околу одржување на оваа зелена оаза, која беше гордост на градот.
Откако изгоре мини ресторанчето, место кое привлекуваше стотици посетители во денот, како се да тргна надолу.
Од фотографиите кои ги добивме се гледа дека насекаде има расфрлани отпадоци, патеките за трчање се обраснати со трева, а искршени се и дел од клупите во паркот.
Од она што го дознаваме паркот навечер тоне во мрак. Речиси и да нема осветлување од влезот кај скалите до централниот дел на паркот.
Дури и живеалиштата на животните во мини зоолошката градина не се одржуваат, па реакции има и за неподносливата миризба наоколу.