ФОТО+ВИДЕО: Ова сега не е луксузен хотел, туку затвор!

За време на неодамнешната „чистка“ во политичките кругови на Саудиска Арабија, луксузниот хотел „Риц Карлтон“ во саудиската престолнина Ријад е претворен во „затвор“ каде што се сместени околу 200 уапсени политичари.

Екипата на „БиБиСи“ доби прилика да влезе во познатиот „златен кафез“ и да види во каков луксуз живеат „затворениците“ кои што се вселија таму на 4-ти ноември. Хотелот, се разбира, поседува неколку базени, луксузни ресторани, теретани и опремен е од најскапоцени материјали.

Во еден момент, на сите гости од хотелот им било соопштено дека ќе мора да се спакуваат и да излезат од собите, за да бидат преместени во друг хотел. Додека тие се чуделе зошто мора да го напуштат хотелот, во него започнале да пристигнуваат пребогатите саудиски принцови за во него да бидат затворени после апсењата поради корупција.

Најголемото апсење во историјата на ова конзервативно кралство докажа дека најбогатите, сепак имаат привилегии и продолжуваат да живеат во луксуз, иако се обвинети за корупција.

Повеќе од 40 истакнати Саудијци, 11 принцови кои што се во директна роднинска врска со владетелите на државата, како и 30 високи државни функционери и поранешни министри се заклучени во „Риц Карлтон“ кој што сега од луксузен хотел е претворен во луксузна затворска ќелија.

До апсење дојде после налогот на младиот престолонаследник Мохамед Бин Салман кој што моментално е министер за одбрана на земјата. Сепак, тој е свесен за ризикот од ваквиот потег против естабилишментот, поради што превзеде мерки на голема претпазливост.

Имено, во ова конзервативно кралство, навредата на висок функционер или принц кој што е во роднинска врска со владетелите, со себе носи страшни последици. Со оглед на тоа што во Саудиска Арабија и ден денес владеат некои „племенски правила“, кралството се води со помош на конзенсуз на неколку гранки на кралското семејство, чии што членови потекнуваат од основачот на државата, Абдулазис Ел Сауд.

Навредата на некој од нив, како на пример сместувањето во затворска ќелија, може да предизвика жесток раздор меѓу соплеменците. Поради тоа, мора да се направи баланс за саудиските лидери секогаш да ја имаат помошта на своите роднини која што им е потребна за продолжување на авторитарното владеење.

„Принцот Мохамед Бин Салман не можеше да ги смести во затворска ќелија. Тој добро го знае тоа. Затоа се потруди да го пронајде најдостоинственото решение кое што можеше да го пронајде“, изјави еден висок саудиски функционер.

Секако, во луксузниот хотел се присутни бројни стражари кои што се вооружени и сместени во голема сала со 1,850 квадратни метри отворен простор и која што може да прими до 1,400 луѓе.

Принцовите и високите функционери се сместени во најлуксузните хотелски апартмани. Хотелот „Риц Карлтон“ инаку е во сопственост на саудиската влада, додека пак со него управува американската хотелска групација „Мериот“. Токму во овој хотел престојувале американските претседатели Барак Обама и Доналд Трамп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.