На задоволство на учениците, деновиве се комплетира спортскиот комплекс во основното училиште “Гоце Делчев” во Прилеп.
Повеќенаменското игралиште кое минатиот месец започна да се гради во училишниот двор, полека го добива својот краен лик и одлично ќе се вклопи заедно со балон салата и тениското игралиште, кои веќе беа изградени.
На игралиштето ќе може да се играат повеќе спортови како ракомет, кошарка, мал фудбал и одбојка. Средствата за оваа инвестиција се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа.
Инвестицијата за ова игралиште изнесува 1,8 милиони денари, а се планира игралиштето да биде пуштено во употреба до почетокот на учебната година.
Освен учениците од ООУ „Гоце Делчев“ во иднина се планира овие спортски игралишта да ги користат и сите останати љубители на спортот.
Со ова училиштето ќе добие еден комплекс каде ќе има извонредни можности за развој на повеќе видови спортови, а предност на ова повеќенаменско игралиште ќе биде тоа што за него ќе се користат рефлекторите од тениското игралиште и тука ќе може да се играат и ноќни натпревари.
А/Г/