Три новороденчиња вчера починале при породување на Гинекологија во Скопје

klinika

Три новороденчиња вчера починале на клиниката за Гинекологија во Скопје. Информацијата денеска ја потврди министерството за здравство изнесувајќи повеќе детали.

„Според Клиниката за гинекологија и акушерство, пациентката И.М била хоспитализирана на 21 август на Клиниката за гинекологија и акушерство заради болки во абдоменот.

Истиот ден е породена со царски рез во 27 недела со тројка, по претходно прснат воденик и пролабирана (испадната) папочна врвца и со цел да не биде прекинат доводот на кислород, веднаш е извршено породување. Новороденчињата се прифатени од педијатар и акушерка во операциона сала. Спроведена е и примарна реанимација со аспирација, вентилација со маска и амбу и термостабилизација и во инкубатор сите три биле транспортирани на Одделение за интензивна неонатална нега и терапија.“ – стои во соопштението од Министерството за здравство.

Како што велат од Клиниката, со семејството во неколку наврати од страна на персоналот на Клиниката било разговарано, со цел да се објасни состојбата на новороденчињата, третманот и можните шанси за преживување и веќе следниот ден е констатирана смрт на сите три.

Министерството за здравство веднаш по добивање на информациите формирало комисија за стручен надзор која детално ќе го испита случајот, со цел да утврди дали во целокупниот третман на родилката и новороденчињата е постапено согласно протоколите и медицината базирана на докази.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.