Со спортски хепенинг oтворено новото супер модерно спортско игралиште во ОУ “Климент Охридски” Прилеп (ФОТО)

Нови инвестиции вредни над 3 милиони денари во ООУ „Климент Охридски“ во Прилеп

Со спортски хепенинг во кој учествуваа стотици ученици денеска се одбележа комплетното реновирање на спортското игралиште во ООУ „Климент Охридски“, кое прерасна со современ мултифункционален спортски комплекс. Инвестицијата е вредна околу 3 милиони денари, пари обезбедени од буџетот на локалната самоуправа, а дел од средствата се употребени и за внатрешно уредување на училиштето.

„Денеска е голем ден за нас, еден од поголемите во најновата историја на нашето училиште. Се реконструираше училишниот двор кој прерасна во модерно мултифукционално игралиште. Со тоа добиваме зближување на двете згради кои се во состав на нашето училиште, зградата каде учат паралелките од 1-во до 9-то одделение и зградата каде учат децата со посебни потреби. Поставен е нов асфалт на околу 1.100 м2, и на површина од 350 м2 се изградени патеки од бекатон плочки. Упатувам голема благодарност до локалната самоуправа која ни излезе во пресрет. Ова вложување изнесуваше околу 3 милиони денари, од кои 2 милиони денари се наменија за реконструкција на училишниот двор, а 1 милион денари за уредување на внатрешноста на училиштето. Исто така на учениците, нивните родители и на сите граѓани им го честитам утрешниот голем македонски празник „8-ми септември“, рече Ахил Јаков, директор на ООУ „Климент Охридски“.

Со оваа најнова инвестиција освен спортскиот терен се реконструираа и спортската сала, спортскиот кабинет, кабинетот по информатика, наставничката сала и целокупните холови на училиштето.

„Ова е само еден од големиот број на проекти кои се реализираа во изминатиов период во ООУ „Климент Охридски“. Досега се инвестирани повеќе стотици илјади евра, со што ова училиште прерасна во едно од најубавите во нашата Општина. Сакам да напоменам дека циклусот на инвестиции тука трае континуирано 10 години. Комплетно се реновираше внатрешниот дел на училиштето, спортската сала, фасадата, беше реконструирано и училиштето за деца со посебни потреби кое не беше реконструирано од далечната 1924 година. Таму се направи и соба за децата со аутизам. Се реконструираше и подрачното училиште во н.м. Мажучиште, кое исто така работи во состав на ООУ „Климент Охридски“. Еве денеска добивме и комплетно нови терени за фудбал, ракомет, кошарка, одбојка и други спортови“, истакна Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.

Сите овие објекти во ООУ „Климент Охридски“ се осветлени и навечер и можат да се користат и за ноќни натпревари. Инаку локалната самоуправа на Прилеп во изминативе 12 години има инвестирано околу 12 милиони евра во подобрување на условите за настава во сите училишта на територијата на Општина Прилеп.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.