1.Шампионатот е завршен. Остварена е примарната цел, а таа беше обезбедување на опстанок. Не беше ни лесно ни едноставно?
-Секако дека не беше лесно. Со моето доаѓање на чело на овој клуб имав тешка задача да се оствари целта во овој изминат шампионат и тоа го остваривме дури на крајот од првенството. Имавме падови и успони, но може да се каже дека крајот го краси делото. Искрено Победа ја следев на секој натпревар пред моето доаѓање и покрај тоа што тимот го наследив само со 5 освоени бодови, од 6 првенствени натпревари, увидов дека овој тим со неколку засилувања и добри подготовки ќе ја оствариме целта на крај. Морам да признам дека тоа воопшто не беше лесно, но на крај се радувавме дури со директен опстанок каде сите очекуваа дека баражот ќе биде и успех во ова сезона.
2. По есенското бодовно заостанување, со добри подготовки резултатите стигнаа, но во последниот 4-ти круг. Стартот на пролетта не беше ветувачки. Екипата се мачеше со неефикасноста. Се чини дека враќањето во Прилеп и победите над Силекс и Шкендија, но и на гости со Шкупи и Брегалница беа решавачки. Секако пресудна беше серијата од 5 последователни победи, или 6 во 7 кола.
-Секако дека заостанувавме многу на полусезона. Можат да се набројат многу причини додека една од тие причини беше слабата физичка подготовка на генерално целиот тим. Сите знаеме дека во текот на натпреварите после 60-тата минута некаде 5-6 фудбалери бараа замени поради неможноста да го издржат целиот меч. Фактот што некаде од 24 голови дури 21 беа примени од 70-90 минута говори со каков физички капацитет располагаа играчите. Втората причина според мене беше скромниот квалитет на играчкиот кадар. Секоја чест за влегувањето на овој тим од Втора во Прва лига, но клубот остана со постојаниот играчки кадар. Клубот не се засили во летниот преоден рок, а знаеме дека квалитетот во Втора и во Прва лига не е ист, но згора и на тоа знаеме дека првите утакмици баш беа со најдобрите екипи во првенството: Пелистер, Силекс, Вардар и Шкендија.
Секако дека неиграњето на својот терен исто така допринесе за неочекуваните резултати пред и после моето доаѓање. Играњето на неколку терени во Охрид, Битола, кои ги сметавме како домашен терен исто така допринесоја за местото каде што Победа се наоѓаше на полусезона.
Следуваше зимската пауза и подготовки кои според мене беа клучот за пролетниот успех. Оптимално се подготвувавме, како на физички, така на техничко-тактички план, пробавме доста варијанти во систем 3-5-2, 3-4-3, 4-3-3, така да фудбалерите беа на едно повисоко ниво од она што беа. Одигравме 7 пријателски натпревари во тој период и добивме една јасна слика за секој играч поединечно. Тука екипата морам да кажам се засили со 4 српски интернационалци, еден бразилец и Бојан Ѓоргиевски, повратник од странство, така да конкуренцијата исто така ја засиливме на секоја позиција по 2 играчи, што искрено ни фалеше во есенскиот дел од првенството.
Во пролетниот дел од првенството притисокот беше врз сите нас, особено кај играчите кои според мене немаа слобода во играта, а тоа се должеше на задачите кои ги имаа во текот на целиот натпревар. Нивната креативност не доаѓаше до израз, се мачевме во играта, не создававме шанси или ретко го правевме тоа, се додека управата заедно со навивачите ни овозможија да играме во Прилеп, на стадионот на Могила каде деноноќно работеа за да ги задоволат минималните услови за одигрување на првенствен натпревар. Ни овозможија да играме во Прилеп каде морам исто така да признам дека беше клучен момент за остварување на нашата цел. Можеби сите очекуваа дека првите натпревари на тој стадион ќе бидат во наша корист, конкретно натпреварите со Шкупи и со Брегалница, но треба да се земе во предвид дека требаше време за адаптација на тој терен. Стрпливо ги чекавме нашите 5 минути од натпревар во натппревар, го променивме и системот од 4-2-3-1 во 4-3-3 и искрено според мене тоа беше и клучот за подобра и поофанзивна игра. Победата над Силекс на домашен терен беше преокретот во низата успешни натпревари. Потоа беше подруго, наредните натпревари, несметајќи го Вардар, беа во период од 2 недели и 5 првенствени утакмици каде ја направивме серијата од 5 победи во низа и обезбедивме директен опстанок во лигата. ,,Жртвите,, на тој успешен поход беа: Шкендија, Шкупи, Брегалница, Македонија и Работнички. Екипи од горниот дел на табела и екипи конкуренти за директен осптанок. Преокретот беше Шкупи на гостински терен, нималку лесен натпревар, каде нашите момци покажаа како треба да се игра за Победа. Издржаа и негатива од прв примен гол на овој меч, се вратија со реми и на крај водство. Победата на Чаир беше од огромно значење, победа за директен опстанок. Серијата од 6 победи од 7 натпревари во четвртиот круг од првенството беше пресудна за остварување на целите на клубот.
3. Како сте задоволни поединечно од учинокот на Вашите фудбалери?
-Имам само пофални зборови кон сите фудбалери кои беа дел од Победа во ова првенство. Некои помалку заслужни, некои повеке, во секој случај сите се заслужни за постигнување на целите на клубот. Создадовме една прекрасна атмосфера која можам да кажам исто така беше пресудна за добрите резултати, другарството беше неизмерно. Не би издвојувал поединци, но едно ќе кажам: БЕВТЕ ПРЕКРАСНИ, СТРПЛИВИ УПОРНИ. БЕВТЕ ФЕНОМЕНАЛНИ! Секоја чест!
4. Играчите се на одмор до 24-ти јуни. Каков е планот на подготовките?
-Играчите добија заслужен одмор до 24-ти јуни, за кога ја закажавме прозивката за наредното првенство. Сигурно тереба да се направат добри подготовки за наредното првенство. Бугарија би била опција за припреми и одигрување на неколку интернационални пријателски натпревари и воигрување на тимот. Секако дека првите 20 денови опција исто така би биле Прилеп и Пехчево.
5. Она што најмногу ги интересира љубителите на фудбалот секако се засилувањата. Навивачите и прилепската фудбалска јавност, бараат атак на позициите во врвот на мак-фудбалот и борба за излез во Европа?
-Секако дека преку дискусија со управата на последниот состанок, кој беше одржан пред последното првенствено коло со Ренова, амбициите би требале да бидат поголеми од минатото првенство. Секако дека за тоа треба еден солиден буџет и квалитетни засилувања кои ќе го подигнат нивото на квалитет во екипата. Видовме дека можеме да се носиме со секој противник во ова првенство, дури и со оние кои имаат 6-7 пати поголем буџет од нас. Зборувам за Вардар и Шкендија, така да зошто да не конкурираме за првите 4 места кои водат во Европа. Со добра организација, солиден буџет, 3-4 квалитетни засилувања, одлични порготовки според мене би биле конкуренти во наредното првенство за горниот дел на табела. Штета е со овој буџет кој го располагаме во моментот да се бориме за опстанок.
6.Кога ќе биде позната трансфер листата, имињата на фудбалерите кои ќе го напуштат клубот, и секако првите засилувања. Дали и кои играчи од младинските погони ќе се приклучат на првиот тим?
-Според мене треба да се задржи постојаниот играчки кадар. Знаеме дека на неколку фудбалери им завршуваат договорите така да треба со нив да се преговара за да останат за наредно првенство. Секако дека имаме пикирано неколку фудбалери кои би биле засилувања. Во моментот се воспоставуваат контакти и преговори и се надевам дека ќе бидат позитивни, но треба да знаеме во рок од една недела кој од постојаните фудбалери ќе останат во Победа, за да имаме во предвид и нови засилувања. Приоритет ќе ни биде засилување со по еден играч во секоја линија од тимот: напаѓач, среден играч и одбрамбен играч.
Секако дека иднината е на младите. Ги следам младите категории константно и веќе еве приклучивме неколку млади играчи во првиот тим. Секако тоа се најпотенцијалните според мене во моментот и сериозно ќе се смета на нив во иднина. Секако дека тоа ќе биде поттик за сите млади играчи во школата да бидат редовни на тренинзи, да се залагаат на секој натпревар за да излезат на површина бидејќи тие еден ден треба да бидат носители на играта во првиот тим како што било пракса и во минатото. Јас исто така како тренер во првиот тим ќе бидам директно инволвиран и во младите категории, со совети, материјали и пред се системот 4-3-3 кој ќе го практикуваме во наредното првенство да се имплементира и во сите млади категории.