Во денешниот дневен ред на 36 -тата седница на Владата на Република Македонија немаше утврдено точка на која ќе се дискутира за очајната состојба на АД 11 Октомври Еурокомпозит од Прилеп.
Вработените во оваа компанија крпат крај со крај и поминуваат низ секојдневна голгота на безпарица и низа притисоци.
Владата пред две недели објави соопштение во кое стоеше:
-Следната недела на владина седница ќе се донесе одлука за обезбедување средства за една плата на вработените во Еурокомпозит. Веќе активно се разгледува можноста за решавање на егзистенцијалното прашање на вработените кои со месеци не примаат плата, преку Законот за материјално обезбедување невработени лица, поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, стоеше во владиното соопштение од пред две недели.
Но, ова соопштение се воспостави како лажно, па вработените во прилепски „Еурокомпозит“ вчера повторно излегоа на штрајк поради неисплатени плати и придонеси за пензиско и здравствено осигурување.
„Владата требаше да одвои 10 милиони денари за една плата на вработените и дел за набавка на репроматеријали. Ќе штрајкуваме сѐ до исполнување на нашите барања, а барањата се познати: немаме земено 16 плати, придонесите за пензиско осигурување не се платени од 2012 година, а бараме и реализирање на програмата за прогласување технолошки вишок за 100-ина вработени со Законот за материјално обезбедување на неврабоени лица поради доминантната сопственост на државата”, изјави Влатко Чурлиноски, претседател на синдикалната организација на „Еурокомпозит“.
Протестот кој започна вчера се очекува да продолжи и утре и во наредните денови, доколку повторно вработените не бидат предмет на уцени и закани да не смеат да излезат.
Премиерот Заев на состанок со синдикалните претставници на „Еурокомпозит“ одржан пред вториот круг од локалните избори на 24.10.2017 година, вети дека владата на следната седница ќе донесе одлука за исплата на една плата на вработените на препријатието и ќе се погрижи за негово рестартирање, сепак, ништо од тоа на денешната седница на владата.
Инаку во оваа компанија работат 260 лица.