Прочка идет. Благден. Не думам за празнувањето поганско ами за христијанското, правото. Не думам за „преправањето“, она кога народецот мој туѓи сурати навира, се обезличува и душата си ја погани со безделија скверни, опивање и стомакоугодие, песни и думи соблазнителни.
Думам за празнувањето духовно, празнувањето црковно, кога голема жертва од нас се бара, опростуење и прочка со ближниот пријател и непријател, и во црквите наши од Бога прочка да молиме што зло сме чинеле, што срце сме грешуеле, па прочка да ни даде и да не помилуе во тија дни.
Затоа, примете ука, луѓе мои, та душите не губете си, погански не празнујте ами за брата си молитва речете, прочка барајте и давајте та душичките да си ги успокоите и пизмата да ја сотрите.
А, во црквите наши убави, за сите и за се’ молитви пцаламе и се молиме, а во овие дни, безбели има за што од Бога прочка да молиме. Јас, чунки Господ ме избрал за пред Него молитви да пцалам и чатам, еве пред овој ден кога треба прочка да измолиме и да дадеме, молитва за сите ќе пцалам оти на Господа Му е угодно кога за другите повеќе отколку за себе се молиме.
Господи … од кај да почнам?
Ќе почнам од оние, чии души насушна потреба од молитва и прочка имаат, кои, иако живи, чиниш душата мртва им е, нашите првенци, властодршци оти, кутрите, не верувам дека сами знаат да си се помолат а, безбели, ниту време имаат од водењето на државата ни наша мила.
А, има и такви што мислат чуму им е молитва и Господ кога власта ја имаат, чунки власта умот и разумот ги поматува. Кутрите! Затоа, Господи, дај им прочка што како недоветни се однесуваат и разумот го изгубиле; што ниет сториле да не обезименат и обезличат; што сакаат да не „преправат“ и нов сурат немакедонски, да ни натурат та да не избербатат; што и тие самите со туѓи, ама ептен туѓи, сиреч странцки, сурати се„преправаат“ и душата си ја поганат; што кон странцките, туѓи, сурати такво поданство имаат небаре раболепници се нивни; што странцките сурати толку им се чинат угодни и со мерак голем ги носат, чиниш им сраснале, чиниш нивни се.
Кутрите, така ниту својот сурат цел ниту туѓиот го имаат, ами некаков сурат мешан, небаре чудна зверка некоја, дијание озабено, нит волк – нит лисица, нит хиена – нит чакал, ама, безбели крволок.
Прочка дај им, Господи, што против својот народ и држава работат а пред туѓите држави и народи се умилкуваат и танцуваат како што туѓите сурати им свират небаре ченгии во аморална биртија некоја; што секоја црвена чизија ја избришаа или поместија; што, место татковината да ја вардат, ја крадат и на туѓите сурати намнисале да ја продадат; што врз коските од предците ни р’каат и плукаат чиниш се срамат од коренот од кој никнале; што спротивно, на она што веќаваа и нудеа, работат.
Прости им, Господи, што заповедите Твои, за нелажење, некрадење, туѓо непосакување, почитување на родителите, сиреч предците, ги газат и непочитуваат; што само со устата своја при народот се доближуваат небаре го љубат, а со срцата нивни отапени далеку стојат; што мнозина народни првенци со сила затамничија и замолчаа; што своите предци, славните луѓе и оците народни намнисале да ги отфрлат. Оние што мудри совети сееле и на дело книжно народецот го учеле.
Прочка дај им Господи што место на народот само на џебот свој мислат; што рушветот не им е непознат; што само закони наложуваат, а самите не ги исполнуваат. Говорат, а не извршуваат; што бремиња мачни и тешки врз плеќите народни врзуваат, а самите ни со прст да мрднат не сакаат; што на народот големи вергии му натоварија. Прости им Господи, оти не знаат што прават!
Вразуми ги, Господи и одврати ги од наумот туѓ сурат да ни наденат. Срцата закоравени омекни им ги за да се покајат, туѓите сурати наврени да си ги извадат и од народот свој прочка да испросат та да се простиме и пизмата да ја сотриме. Оти не виѓаваат силата на наумот Твој. Не виѓаваат или не сакаат, оти сем геена ништо друго нема да казандисаат.
Те молам Господи, вразуми ги пред народот да реши да ги вразуми.
Прочка дај им Господи и на оние посилници што кај властодршците поданствуваат и во нивните злодела учество земаат; што и тие туѓи сурати навираат и тоа по неколку; што народот го измамија кога по улиците на престолнината словеа; што до вчера сурати на некаква слобода носеа а денес ја задушуваат; сурати кои арамилакот го осудуваа а родољубието го величаа. Ама тие сурати не биле нивни. Туѓи биле.
Ги фрлија откако испоседнаа онаму кај што отпорано се намерачиле. Сега други сурати навреа и неможеш да ги препознаеш. Нека! Прочка дај им Господи ама, сепак, нека биде волјата Твоја.
Прочка дај им Господи и на оние кои се преправаат небаре се прокопцани, а ваистина се ајљази недоквакани и полуграмотни, па се зафатиле големи работи да решаваат па така в чикмак државата и народот ги втеруваат.
И на оние телали и протуѓери кои што народецот наш со лажни вести го замајуваат, во темнина сакаат да го држат; што алчноста ги совладала па сега без намуз писанија лажни и штетни срочуваат та народот недоветен го прават и од вистината го одвраќаат; што вистината ја обезличија и лажен сурат и наденаа.
И на оние лапникандила што по гласилата лаги, пизма и нетрпеливост шират та народот го срдат.
Прочка дај им Господи и на оние кои што пред народот неправедно судат и пред неправдите ослепуваат и оглувуваат; кои првенците со еден, а народецот со друг сурат и очи ги гледаат; што сурати на бесправие наденаа.
Прочка дај му Господи и на народецот Твој што по патот Твој не врви, крстот свој не го носи и од себе си се одрекува; што алчноста го обзела та од лажни ветувања за пусти пари не татковината, ами мајката родена азар е да ја потомори; на луѓето што си дозволија од првенци непрокопцани, заведени да бидат та нивните поколенија арна иднина да не видат.
Прочка дај му Господи на сиот Твој народ македонски, особено на оние што во очај и безнадие западнале а забораваат дека после ноќта темна, сонцето светлина раѓа и после зимата и Прочка, „пролетта“ доаѓа!
Сетне, луѓе мои, јас од Вас прочка просам. Прочка дајте му на свештеникот кој како најгрешен се спознал; кој рувото презвитерско недостојно го носи; кој заповед од Бога доби за Вас деноноќно да се грижи, да се моли, да Ве љуби а од сето тоа, многу малку стори. Прочка дајте ми, народе мој, за неброените согрешенија, та патот до Божјата прочка да ми се отвори.
Еден на друг да си простиме та со чисти срца да чекориме кон ветениот нов живот.
Не, не думам за овој „живот“, кој првенците наши ни го веќаваа, ами за идниот, оти од овој ветениов „живот“, пустиот, се изнаживеавме.
Луѓе мои! Љубете се, обединете се, надеж не губете! За многу години Македонци!
Протоереј Љупче Петрески