СОУ “Орде Чопела“ домаќин на проектниот состанок на Еразмус+ проектот за партнерства меѓу училишта

Од 30/10/2017 год. до 3/11/2017 год. СОУ “Орде Чопела“ од Прилеп беше домаќин на Третиот проектен состанок на својот Еразмус + проект. Учесници беа ученици и професори од Јеси (Италија), Камбре (Шпанија) и Чешке Будејовице (Чешка). Исто така на проектниот состанок учествуваше и експерт од Манчестер (Велика Британија). Се реализираа повеќе активности за учење според темата на проектот “Да го расплетеме минатото, за да ја исткаеме иднината“ и тоа: игри за кршење на мразот, креирање на облека од рециклирани материјали, изработка на постери за презентација на дизајните, презентации за реупотреба на рециклираните материјали, боење на природни и вештачки материјали, посета на фабриката Комфи Ангел, посета на факултетот за текстилно инжењерство – дисперзирани студии во Прилеп, посети на Музеи, еднодневна екскурзија до Охрид преку Преспа итн.

СОУ “Орде Чопела“ од Прилеп многу успешно ги организираше сите активности, така што гостите беа видно задоволни од реализираните активности и изразија искрени желби за понатамошна соработка и на други проекти во иднина. Како што многумина од нив ни кажаа многу пријатно се чувствуваа во Македонија и беа водушевени од гостопримството, трпението, љубезноста и сериозноста при изведувањето на активностите за учење при кои централно место имаа учениците.

Овој Еразмус+ проект на СОУ “Орде Чопела“ – Прилеп започна на 1/9/2017 год, а завршува на 31/8/2018 год. и преостанува уште проектниот состанок во Чешка. Досега сите планирани активности се спроведени со извонреден успех. Учениците се многу мотивирани и нивните јазични и научни компетенции се видно унапредени.

Веќе се прават плановите за следниот проектен состанок во Чешка кој што ќе се одржи следната година во април.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.