Синдикалната организација на „11 Октомври Еурокомпозит“ АД Прилеп и на „Композитна опрема“ ДООЕЛ пред три дена до Министерството за внатрешни работи и до Основното јавно обвинителство во Прилеп поднесе кривична пријава против директорите на овие компании за злоупотреба на службената должност, објави порталот МКД.МК
Како што пишува во пријавата Александар Кузески од Охрид, директор на „Еурокомпозит“ и Тони Дукоски од Охрид управител на „Композитна опрема“ ги повредиле правата на вработените и ја злоупотребиле службената положба.
Кузески се сомничи за незаконска исплата на аванси за вработените при што била направена повреда на правата на работниците. Вработените сметаат дека Кузески спротивно на Законот за работни односи, за патни трошоци од Охрид до Прилеп си исплаќал пари исто како и пратениците што е „спротивно на член 113 од ЗРО, каде што е наведено дека работникот има право на надомест на трошоци при користење на приватен автомобил за службени патувања, но не и за одење на работа како што тоа го прави нашиот директор“.
Синдикалната организација смета дека Дукоски како управител на „Композитна опрема“ во два наврати без никаква основа уплатил пари во фирмата „Ројал логистик интернационал“ со седиште во Велгошто, Охрид, фирма основана од него, а управувана од неговиот син.
Инаку околу 260 вработени во овој прилепски загубар од четвртокот минатата недела излегоа на штрајк и ги побараа ветените исплати на околу 14 плати и придонеси од месец јули 2012 година, за кои премиерот Заев се обврзал дека Владата ќе им ги исплати до пред Нова година.
Вработените исто така ја бараат и платата од 2018 година, за која добиле само по 5000 денари линеарно.
Во петокот тие ја блокираа и главната крстосница во центарот на Прилеп, а потоа се упатија и пред седиштето на општинската организација на СДСМ.
Вработените и синдикалната организација во оваа компанија минатата година беа под постојан притисок и им беше ускратувано правото на штрајк, а синдикатот не смееше да дава изјави.
Дури пред локалните избори во октомври месец минатата година, на сметките на вработените, според тогашните информации, легна плата во висина од 1 денар.
И тогаш ветените 3 плати за 45 дена, за кои поминаа повеќе од 130 дена и не ги добија, и сегашните ветувања, се само залажување и на јавноста и на семејствата на овие 260 вработени, кои крпат крај со крај и се борат со тешка голгота.