Ристески: Градската река ќе биде гордост на градот – Предвидени патеки, паркови и нови мостови на речното корито (ВИДЕО)

Комплетно ќе биде реконструирано речното корито во Прилеп кое ќе добие голем број нови содржини, најави кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за Прилеп, Марјан Ристески.

-Еден од покапиталните проекти во градот ќе биде комплетното партерно уредување на градска река по целиот тек и доградба на кејските ѕидови на речното корито. Се планира нивелирање, озеленување и партерно уредување со различни содржини на корито на Градската река на потегот од малото мовче кај базентот до мост „Димо Наредникот“. Градската река ќе стане еден од најубавите простори за одмор и рекреација во градот. Место какво што имаат сите поголеми европски градови, истакна Ристески.

Тој потенцира дека речното корито ќе ги има следните елементи: трим и велосипедски патеки, клупи, осветлување, корпи за отпадоци, помошни мовчиња, на одредени делови ќе се изврши проширување на коритото, ќе се изградат и слапови, детски реквизити и пристапни рампи за инвалидизирани лица.

Сите материјали и елементи кои ќе бидат вградени во речното корито ќе бидат фиксирани за да не претставуваат опасност при надоаѓање на поголеми количини на вода.

-Кога станува збор за речното корито морам да ја споменам изградба на крстосница со кружен тек над градската река, кај мостот „Табана“, со што ќе се зголеми безбедноста, проточноста  и ефикасноста во сообраќајот. Кружниот тек ќе биде во состав на реконструкцијата на улицата „11 Октомври“ која ќе прерасне во булевар со четири коловозни ленти, среден зелен појас со улично осветлување, велосипедски патеки и двострани тротоари. Проектот е вреден 120 милиони денари, а парите се одобрени од Светска банка. Рокот за реализација на овој проект е 2018-2019 година а неговата изградба ќе започне веднаш по изборите. Нов мост ќе се гради и на улицата „Победа“ кој ќе ја поврзе населбата Типски куќи со ул. „Александар Македонски“, на излезот кај Лук Оил. Планирано е на градската река да бидат реконструирани и мостовите Сточен пазар, кај улиците „Трајко Николоски“, „Димо Наредниот“ и малото мовче спроти Грчка црква, рече Ристески.

Според неговите најави, ќе бидат изградени и неколку нови пешачки мостови. Два пешачки моста на Дабнички канал за поврзување на населбата Типки куќи со Аличаир. Ќе се гради и пешачки мост за поврзување на ул. Андон Слабејко со ул. Кеј 9 ти Септември (пред железничкиот мост). Ќе се гради пешачки мост за поврзување на Жабино Маало со Сточен пазар кај новото училиште.

-Кога станува збор за Градската река исто така се планира изградба и на кејски ѕидови по горниот и долниот тек на реката и изградба на речно корито и тоа во горниот дел од базентот до малото мовче, а во долниот дел на реката од ул. „Димо Наредникот“ до сточен пазар. Со ова Прилеп во наредниот период ќе го добие едно од најубавите речни корита, зголемување на парковските површини, заштита на животната средина и збогатување на спортско – рекреативниот живот, најави Ристески.

Тој ги повика прилепчани да гласаат за чист и зелен Прилеп.

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.