Во Кривичниот суд во Скопје заврши распитот на приведените кои Основното јавно обвинителство ги гони за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, а во врска со насилствата во Собранието на 27 април годинава.
Од Судот за МИА изјавија дека решенијата за сите приведени се подготвуваат и оти се очекува да бидат објавени во текот на денот.
Синоќа им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена на пет лица меѓу кои на поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков и на оперскиот пејач Игор Дурловски, кој беше дел од граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.
На две лица им е одредена мерка куќен притвор.
Пратеници кои беа приведени вчера се пуштени и за нив се чека одговор од Собранието на Република Македонија од кое Судот побара одземање на пратеничкиот имунитет.
Во текот на вчерашниот ден покрај пратениците беа приведени уште 20-тина лица кои се гонат за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.