Прилеп со децении е плодна почва за ракометот во Македонија, место од каде излегле врвни ракометни имиња и врвни ракометни таленти. Денес, кога после долги години ракометот одново оживеа во градот под “Марковите Кули” , прилепчани одново можат да уживаат во магијата на овој спорт и да се гордеат на успесите на својот клуб. Секако за тоа беше потребна многу макотрпна работа, енергија, елан и желба. Дел од тимот кој работеше на враќање на ракометот во градот е и Ице Соколески, актуелниот тренер на РК Прилеп. Неговата посветеност на клупата на прилепскиот миленик, го донесе и на клупата на македонската ракометна репрезентација, најпрво со сениорите и Лино Червар, а сега и со јуниорите заедно со Илија Темелковски. Успехот на Светското првенство за ракометари до 21 година во Алжир и освоеното шесто место е најголем успех на било која македонска репрезентација на светските првенства. Овој успех говори едно: Кога во главата 24 часа ти гори ракомет, ќе бидеш успешен на секој терен. Во интервјуто во продолжение Соколески говори за предизвикот во Алжир, очекувањата и постигнатиот резултат.
Koлку време си со младата ракометна репрезентација на Македонија како дојде до твојот ангажман на клупата на репрезентацијата и како се носиш со овој предизвик до сега?
Како составен дел од стручниот тим на поранешниот селектор на сениорската репрезентација на Македонија, ЛиноЧервар, минатата 2016та година јас и Ико Темелковски од страна на раководството на РФМ бевме назначени за предводници на проектот наречен Алжир 2017. Претстоеа квалификациите во јануари, предизвикот беше голем.
Ице, пред неколку дена се вративте заедно со младите ракометари од Светското првенство во Алжир, каде го постигнавте најголемиот успех на било кој репрезентација на светските превенства. Со какви амбиции тргнавте во Алжир, како течеа натпреварите и кои беа предизвиците таму од твоја перспектива?
Наша прва и основна цел беше Да го дадеме максимумот сите од нас, секој во својот дел. Да се бориме и да гинеме на секој дел од теренот. Да го ставиме колективот пред поединецот.. Па, ако во тоа успееме, резултатот ќе е неизбежен. Сметам дека успеавме во ова..
Ги поминавте натпреварите од групата како второпласирани и отидовте на домаќинот во осминафинале. Колку притисокот од домашната публика се чувствуваше врз вашите плеќи и како најдовте сила, храброст и решителност да триумфирате на овој натпревар?
Ги посакувавме тие прво и второ место во групата. Автоматски со тоа ги избегнуваме Хрватска и Исланд. Домаќинот Алжир или Аргентина беа опција. Испадна Алжир наш следен предизвик. Помошта од трибините беше нивни најголем адут иако не се воопшто наивен противник. Голманот им беше најсилен поединец. Пред натпреварот се договоривме : дали доколку денес со Алжир играме на било кој друг дел од светот освен во нивната сала, дали не би ги прегазиле?! И така, излеговме на терен, 8500 домашни навивачи ги игнориравме 60минути. Тие беа максимално коректни и на крај ни аплаудираа.
Во наредната фаза се соочивте со големата Франција, натправар во кој нашите ракометари добро се носеа во првиот дел на натправарот. Каде ги загубивме нервите и што беше нашата грешка да доживееме така голем пораз?
Франција! Само ова ќе ви кажам: Од натпреварот со Алжир до Франција имавме 15ч одмор. Франција 5 повеќе а противник 1/8финале му беше Фарските Острови. Сѐ е кажано тука, иако да бидеме реални, се работи за велесила во денешниот ракомет.
Следуваше разигрувањето за 5-тото место, каде повторно ја торпедиравте Русија, а потоа се соочивте со Унгарија. Што имаа Унгарците повеќе од нас и дали заморот одигра улога кај нашите ракометари?
Многу голем дел од подготовките за мундијалот се спремавме за Русија. Знаевме колку е битно да отвориме со победа. Во првото коло успеавме и ги добивме Русите. За вториот натпревар, тој кој не носеше во натпревар За 5то, настапивме многу порелаксирано. Притисокот беше на нив. Само еднаш го изгледавме нашиот прв меч со нив, се мобилизиравме, се фокусиравме и одигравме маестрално. Чинам тоа беше нашиот најдобар натпревар, многу тактички зрело и искусно делувавме на теренот. Русите изгореа во желбата.. Потоа Унгарија..! Никогаш нема да заборавам и да прежалам. Наши беа, ги имавме. Статистиката покажа 18 отворени чисти шутеви кон гол. Или статива, или одбрана на големите. Ние без Крстевски, Арсеновски, Лазаревски и половичен Нелоски. Другите преморени. 9ти меч, ден 13. Тоа е..
Шестото место одекна еуфорично кај македонската јавност и е нешто што којзнае кога ќе го постигнеме пак. Со што сега се соочувате како стручен штаб, со оглед на тоа дека ова беше последно првенство за повеќе ракометари до таа возраст, имаме ли добар играчки кадар на располагање кој може да ги замени и колку овој успех ве мотивираше да работите понатаму?
За мала држава како Македонија, 6то место се разбира дека е голем успех. Ја чувствувавме цело време поддршката од нашиот крај во текот на првенството. Следно.., границата генерациска се поместува за 2 години. Сега родени 1998ма и помали ќе се следните напши јуниори.. Ги имаме тие момци, мислам дека Марио Танкоски ќе е лидерот. Крилата Шилегов, Јагуриноски, Димитриоски.. Дарио Петровски, Арсеновски.. Мартин Серафимов.., има, има Македонија ракометна иднина. Но, ништо не доаѓа така од небо, претстои макотрпна работа, пред се во клубовите.
Ице, колку добро или лошо се развиваат идните млади ракометари во Македонија, имаме ли слабости и што треба да биде во преден план на клубовите и тренерите низ државата?
Условите за работа! Сали со греење е проблем кај нас. 2/3тини од сезоната се игра во ладните месеци, во ек на грејна сезона. Среќа на РК Прилеп е салата во “Ристе Ристески – Ричко”. На сред зима по кратки ракави тренираме. Потоа реквизити, опрема, правилна исхрана, суплиментација.. Посветеност и домашно воспоставување се патот до успехот. Без ниту едно од ова, нема развој.
Беше дел и од овогодишниот летен камп на македонската ракометна икона Кире Лазаров, какви беа овогодишните искуства?
Кампот на капитенот е “базата” наша. Таму поминале многу од овие момци кои го постигнаа овај резултат. Ја имам таа привилегија да сум и јас дел од тој голем ракометен настан од самото основање. Кој родител пуштил дете на ракометен камп “Kирил Лазаров 7”, со нетрпение го чека следниот. Таму децата се развиваат не само во ракометари, туку и во луѓе, пред сѐ!
Се ближи почетокот на сезоната во суперлигашката ракометна лига. Како одат подготовките на РК Прилеп за оваа нова сезона и во каква состојба е клубот?
РК Прилеп зад себе остави една турбулентна, но сепак на крај, успешна сезона. Паузата заврши, пред нас е следната 2017/18 сезона. Почнуваме на 9ти, во среда за среќа. Управата не мируваше преку летото.. Имаме засилувања, има нови моменти. За детали, во најава е обраќање до вас медиумите. Прес конференција на која ќе бидат изнесени деталите за јавноста. Ќе биде занимливо и интерсно за сите љубители на ракометот во Прилеп. Ни претстои и турнирот “Миле Нешкоски”..
За крај што е тоа што те води секогаш, што те мотивира да продолжиш да се занимаваш со ракометот и да постигнуваш успеси?
Ракометот ми е во крвта од кога знам за мене. Сега сум максимално посветен. Ракомет не е само 2 часа тренинг или натпревар. Ракомет е 24 часа во глава, голем ентузијазам, препреки и предизвици колку сакаш.. Тоа дополнително мотивира и дава енергија за напред. Млад сум и мислам дека сум на добар пат. Сакам да работам и да се докажувам. Спремен сум цело мое искуство што стекнав во периодов позади мене да го имплементирам во РК Прилеп. Клубот има деца, љубителите на ракометот не треба да се грижат за иднината. Поздрав до редакцијата и сите читатели и следбеници на Маркукуле. Ве пратам и на добар пат сте, само продолжете така.
А/Г/