Фамилијата Кареви, правнуци на Никола Карев остро реагираат против изјавата на Владимир Перев, основач на бугарофилското здружение ‘’Радко’’ и член и симпатизер на СДСМ, кој изјави дека Никола Карев е Бугарин и централната прослава за Илинден ќе се одржува пред Собраниската зграда во Скопје пред споменикот на Никола Карев, затоа што во Крушево се ширела анти – бугарска реторика.
Фамилијата Кареви му порачуваат на г-динот Перев, да ја прочита убаво Историјата, ако нема време за тоа нека повели во Крушево во куќата каде што е роден Никола Карев, тие ќе му ја раскажат. Разните цели за продавање на историја, држава, јазик и се што е македонско од страна на одредени личности нема да биде причина за фамилијата Кареви да ги премолчи разните изјави на секој што сака да излезе по телевизиите и да си зборува онака како што му одговара или онака како што е платен.
Едно е сигурно, стои запишано во Историјата и ќе стои и во иднина, а тоа е дека Никола Јанакиев Карев е роден во Крушево, Македонија 1877 година, познат како учител, национален деец, револуционер, војвода и Председател на Крушевската Република. Многу рано, уште како дете ја почувствувал целата беда и горчина на македонската голгота и заради тоа почнува да се бори за создавање самостојна македонска држава.
Се роди, израсна во Македонија, и загина за Македонија, на 27 април 1905 година во село Рајчани, Кочанско. Посмртните останки во 1953 година по повод 50 години од Илинденското востание се пренесени во Крушево, во Македониумот. Фамилијата Кареви со гордост ја прераскажуваат историјата .
Правнуците на Никола Карев едногласно порачуваат :
– “Ние знаеме кој беше Никола Карев, ние знаеме чие потомство сме, ние знаеме што значи да се биде Mакедонец. Немаме потреба ниту од потврдување,ниту од докажување, ниту да бараме признавање. Никола Карев е Mакедонец!”