Рускиот претседател Владимир Путин потврди дека ќе се кандидира за нов мандат на претседателските избори во март.
Кандидатурата на Путин ќе биде четврта во неговата политичка кариера, пренесува “РТ”.
Поради тоа што е апсолутен фаворит на престојните избори, не се поставува прашањето кој ќе ја води државата до 2024 година, туку постои оправдан страв што ќе биде потоа?
“Каде што е Путин, таму е и Русија – го нема Путин, ќе ја снема и Русија”
Владимир Путин во 2024 година би наполнил 72 години. До сега не покажал дека има било какви здравствени проблеми и сигурно би се потрудил и во втората половина од наредната деценија да биде гордост на поголемиот број Руси.
Сепак, рускиот Устав му забранува на ист човек три пат со ред да ја извршува должноста претседател. Дали Путин одново ќе ги замени местата со Дмитриј Медведев, или?
“Моќта на Путин со текот на годините стнуваше се поголема. Култот на водач толку се зацврсти во Русија, што поголемиот број од граѓаните не може да замисли друг да застане на чело на држвата”, пишува “Гардијан”.
“Таму каде што е Путин, таму е и Русија. Ако го нема Путин, ќе ја снема и Русија”, порачува Вјачеслав Володин, претседател на Државната дума.
Должноста Претседател на Русија ја извршуваше од 2000 до 2008 година, потоа беше премиер од 2008 до 2012, кога го започна својот трет претседателски мандат.
Повторно ќе го промени Уставот?
Мотивот Путин по четврти пат да застане на чело на Русија е единствено да се подобрат условите за живот на народот, земјата да биде моќна, добро заштитена и погледот кон иднината.
Токму тоа и самиот Путин го истакна пред Нова година, кога официјално кажа дека ќе се кандидира на изборите.
“Не мислам дека има размислувано за 2024 година. Путин сака да ги одлага одлуките до последниот момент. Зошто денес да одлучам кога можам утре – вели Алексеј Навални, еден од лидерите на опозицијата и голем политички противник на Путин.
Извор за “Гардијан” тврди дека Путин, кога за тоа ќе дојде време, нема да се двоуми да го промени Уставот, баш како и минатата деценија, кога 4-годишниот мандат за претседател го продолжи на 6 години.
“Во овој момент тешко може да се замисли Путин да се повлече во 2024 година од политичкиот фокус. Елитата е веќе уплашена. Веројатно и после таа година ќе има некоја висока улога во државниот врв”, смета изворот за британскиот весник.
Константин Малофејев, финансиер на кампањата на Путин, потврдува дека 2018 година за него не е проблем.
“Оваа година не е под знак прашање, туку 2024. Ние секако ќе го поддржиме Путин на изборите, и покрај тоа што ова не се избори, туку шоу-бизнис. Се надевам дека ова се последните избори пред нас”, порачал Малофејев.
Се подготвува доживотно владеење?
Од неговите реченици Западот веќе извлече скриена поента – дали Путин се подготвува за доживотно владеење?
Рејтингот на Путин е над 80%. На изборите ќе се тркаат веројатно уште и ултранационалистот Владимир Жирновски и либералот Григори Јавлински, како и телевизиската водителка Ксенија Собчак, ќерка на поранешниот градоначалник на Санкт Петербург, кој бил ментор на Путин во 90-тите години.
“Поради тоа што никој од набројаните не е во состојба да му се приближи, а камо ли да го загрози, Путин веќе го има новиот мандат во рацете. До 2024 ќе смисли нешто ново”, заклучува “Гардијан”.