Пристигнаа столбовите за рефлектори на градскиот стадион “Гоце Делчев” во Прилеп. За прв пат стадионот ќе добие осветлување, па после неговата целосна реконструкција, ќе можат да се одигруваат натпревари и во вечерните часови.
Во изминатиот период се поставуваа постаментите за рефлекторите, а после нивното монтирање ќе продолжат активностите околу тревникот.
И додека трае политичката хајка на СДСМ против локалната самоуправа и фудбалскиот клуб Победа и нејзиното раководство, градскиот стадион “Гоце Делчев” е претворен во големо градилиште на кое се одвиваат голем број активности.
Предвидено е стадионот да има капацитет од 18.000 места, а ќе биде направен според сите критериуми на УЕФА за играње дури и на меѓународни натпревари.
Исто така планирано е комплетна реконструкција на малата или северна трибина. Ќе се постават нови седишта, а ќе се реконструираат и постојните простории. Исто така проектот вклучува и доградба на нови простории и сала за прес конференции, се вели во соопштението.
Поголем дел од средствата за оваа капитална инвестиција произлегуваат од договорот на ХЕТ ТРИК 4 програмата на УЕФА кој изнесува околу 700.000 евра, а тие пари се наменети за осветлување и реконструкција на теренот. Останатите зафати ќе бидат покриени со средства од буџетот на општина Прилеп кои изнесуваат околу 45 милиони денари.
Претходно работата на градскиот стадион во Прилеп стагнираше поради средување на имотно правната состојба, односно легализација на објектите. Стадионот беше комплетна дивоградба за да после изработката на проектот, сега да се продолжи со градежни активности до целосна негова реконструкција.
А/Г/