Прилеп на референдум: Граѓаните ќе одлучуваат дали се за или против населување на мигранти во нивниот град

Прилепчани на 15 октомври покрај избор на градоначалник и членови на Советот на општината, ќе гласаат и на референдум за доселување на мигранти во нивниот град. Претседателот на Советот Никола Димески, кажа дека до него во петокот била доставена граѓанска иницијатива за распишување на референдум на локално ниво по однос на прашањето за стратегијата која што ја има Владата за населување и интеграција на мигранти.

Од 27 советници, 15 од ВМРО-ДПМНЕ гласале ЗА, додека останатите од СДСМ останале на седницата, меѓутоа не гласале за оваа точка.

-Јас како претседател на совет во рамките на законот сум должен истото да го ставам на расправа во Советот, од тука и денеска потребата да расправаме за ова. Оваа иницијатива за краток период собра повеќе од 2.500 потписи од граѓаните на Општина Прилеп, што самото по себе зборува за сериозноста и загриженоста на граѓаните во нашата општина по однос на ова прашање, изјави Димески.

Тој напомена дека поради тоа ја поставил точката на дневен ред за распишување на референдум на локално ниво, каде што граѓаните ќе имаат можност да се изјаснат дали се за или против населување и интеграција на мигранти во Прилеп.

-Единствениот начин на кој што и оние кои што имаат право да расправаат за ова се граѓаните на нашата општина и од тука она што со овој референдум ќе го овозможиме е граѓаните сами да се изјаснат, да нема политика, да нема политиканство по однос на ова прашање, изјави Димески.

Со одлука на мнозинството, на советниците на ВМРО-ДПМНЕ, Советот донесе одлука да се одржи референдум на 15 октомври, кога ќе се одржат локалните избори, се со цел како што вели Димески економичност и поголема ефикасност на референдум.

Инаку досега во повеќе градови Советите изгласаа референдуми, каде граѓаните ќе можат да одлучуваат самите дали се за или против населување на мигранти во нивните општини.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.