Локалната самоуправа од Прилеп во соработка со Друштвото на ликовните уметници од овој град денеска постави современи паркинзи за велосипеди со урбан стил.
Средствата за овие паркинзи се обезбедени од страна на локалната самоуправа.
– Друштвото на ликовни уметници од општина Прилеп во соработка со локалната самоуправа дојдовме до идеја да се разубави центарот на градот вклучувајќи мурали, скулптури, споменици и мозаици. Муралот е завршен, вториот паркинг за велосипеди со урбан стил е исто така завршен. Наскоро ќе поставиме уште неколку вакви паркинзи низ градот. Прилеп е прв град кој поставува вакви интересни паркинзи со споменични обележја со цел да се развива екологијата во градот и да се подигне велосипедската култура на повисоко ниво, изјави Марјан Стојаноски од Друштвото на ликовни уметници од Прилеп.
Според градоначалникот Марјан Ристески, идејата е оригинална и прифатлива за локалната самоуправа.
– Идејата е за разубавување на градот, а она што ќе се поставува како урбана опрема има своја цел. Тоа, од една страна е украс на градот, а од друга страна има практична примена за сите оние кои користат велосипеди. Ваква урбана опрема ќе биде поставена на повеќе делови во градот. Средствата се обезбедени од буџетот на локалната самоуправа, изјави Ристески.