Почина човекот што го спаси светот

Советскиот офицер Станислав Петров, кој спречи потенцијална нуклеарна војна помеѓу СССР и САД почина на 77-годишна возраст на 19 мај во својот дом во близина на Москва. Но, дури денеска е објавена веста за неговата смрт.

На 26 септември 1983 година по полноќ Петров бил на должност и го надгледувал радарскиот систем за предупредување во бункер во близина на Москва, кога на радарот забележал ракети од САД кон СССР. Во согласност со протоколот, советската армија морала да одговори на нуклеарниот напад, но Петров одлучил да не ги информира своите надредени.

– Кога ја видов предупредувачката порака станав од столицата. Знаев дека ќе сносам последица поради мојата одлука, изјави Петров пред седум години во интервју за „Раша тудеј“.

Тој не пријавил евентуален напад бидејќи се посомневал дека се работи за компјутерска грешка. Тој оценил дека во случај на американски нуклеарен напад би биле лансирани стотици ракети.

 

Петров наместо напад пријавил грешка во системот.

– По 23 минути сфатив дека навистина ништо не се сличило. Беше големо олеснување, изјави Петров за „Раша тудеј“, додавајќи дека дури тогаш ги информирал неговите шефови.

Поради прекршување на протоколот и наредбите, Петров бил прераспореден на помалку одговорна функција и набрзо бил пензиониран.

Неговата приказна беше обелоденета во 1998 година и е познат како „човекот што го спаси светот“.

– Прво бев изненаден кога луѓето почнаа да ме нарекуваат јунак, никогаш не се сметав за јунак, само ја работев својата работа, посочи Петров.




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.