Почетокот на туристичката сезона на Преспанското крајбрежје ветува продолжување на континуитетот за зголемена посета на брегот на Преспанското Езеро, оцени градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски.
При денешната посета на плажата Сливница заклучи дека топлото време, бистрите езерски води, но и прекрасно уредените плажи ќе овозможат оваа летна туристичка сезона да бидат надминати сите бројки на посетеност на Преспанската ривиера од минатите години.
– Ако по утрото денот се познава, а тоа е секогаш така ова што се случува на самиот старт на овогодишната летна туристичка сезона ветува многу. Ветува дека ќе го одржиме континуитетот на постојан раст на туристичката понуда и посета на брегот на Преспанското Езеро, истакна Стрезовски.
Со залагање на локалната самоуправа и поддршка на приватниот сектор, според него, се врати сјајот на Преспа и се што било уништено во времето на транзицијата.
– Со наше залагање, но најмногу со поддршката од приватниот сектор и сите кои се заинтересирани за развојот на Преспа се разбира и во нивни комерцијални цели ги имаме овие резултати кои ги покажувмае последните години. Плажите во Сливница и Стење, но и сите оние кои функционираат изминатиот период, во Претор, Крани, Долно Дупени…, сето тоа говори за еден силен подем на Преспанскиот туризам, рече градоначалникот.
На Преспанскатат ривиера, нагласи Стрезовски, од оваа година достапни се и двете пешачко-велосипедски патеки, едната од 4,5 километри од Претор преку Сливница до Крани и другата во Стење во должина од 1,5 километар.
– Пешачко-велосипедските патеки се навистина извонредна туристичка атракција и сериозно збогатување на туристичката понуда во Преспа кои овозможуваат значителен напредок на туристичката понуда и побарувачка, изјави Стрезовски.