“Политика, музика, хуманизам – останува да ги видеме резултатите во 2018?!”

Прилеп се подготвува за најлудата ноќ во годината и за испраќање на турбулентната во секој поглед 2017 година.

Прилепчани деновиве растрчани, резервираат, пазарат, се организираат. Некои сепак со наведнати глави, а причина за тоа се прекинатите работни односи и завршениот работен ангажман во општината, јавните претпријатија и државните институции.

Не за сите ноќта што иде ќе биде среќна и не сите ќе ја дочекаат со насмевнати лица.

Во центарот на градот сепак ќе има прослава, каква таква, и покрај тоа што на почеток се најавуваше дека ќе изостане музичката програма, а парите ќе бидат наменети за хуманитарни цели.

Општината изготви некаква програма и вети изградба на Центар за деца со церебрална парализа во градот.

И покрај тоа што се ветуваше “богата” програма изминативе денови, целата организација се сведе на 2 театарски претстави, 2 локални диџеи и како позабележителни се настапите на домашните естрадни изведувачки Блага Петреска и Белинда.

Годинава недостасуваше и програмата наменета за најмладите, која до лани се одржуваше ден пред новогодишната ноќ на плоштадот “Методија Андонов – Ченто”. Истата ја красеше голема раскошна бина и голем број јунаци од цртаните филмови.

Дали политичкиот маркетинг и ветувањето дека ќе се изгради Центар за деца со церебрална парализа ќе се исполни, ќе видиме во новата 2018 година. Иако идејата е за поздравување и за овие деца треба да се направи што се може повеќе, првите два месеци од работата на новата локална власт и градоначаникот Илија Јованоски, не ветуваат многу.

Засега очекувањата на прилепчани кои му ја дадоа поддршката на Јованоски, сеуште стојат настрана, а почетокот на реализацијата на големиот број ветени проекти “за подобар живот” се правда со формирање на така наречениот “граѓански парламент”, кој се претставува како мега проект. Иако самиот по себе нема големо значење, бидејќи не се потребни средства истиот да се реализира, односно многу лесно е да се завртат 100 телефонски броеви, да се поканат луѓе од невладини организации, или уште подобро од членството на СДСМ Прилеп и да се одржи трибина.

Што ќе надвладее во Новата 2018 година, дали сивилото кое се надвисна над Прилеп ќе се растера и градот ќе започне како претходно да пулсира, останува да видиме во наредните 365 дена.

Kaко се славеше Нова година во изминатите години погледнете во продолжение:

 

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.