Експедицијата на ФК Победа од 22 фудбалери и комплетниот Стручен штаб околу пладне пристигна во комплексот ,,Пири,, во Банско каде прилепскиот прволигаш наредните 11 дена ќе ја реализира втората фаза од подготовките за новата сезона. По попладневниот тренинг и запознавањето со теренот, веќе утре Победа ќе го одигра првиот тест натпревар. Од 17 часот на поголемиот терен во комплексот противник ќе биде минатогодишниот бугарски прволигаш Монтана кој испадна во баражот со Лок.Горна и во новата сезона ќе се натпреварува во Втората лига. Амбициите се експресно враќање во елитата за што се ангажирани 5 нови играчи. Во двата контролни натпревари тимот на новиот тренер Јавор Валчинов забележа победи од 9-0 над Гоце Делчев Пирин и 4-2 над Ботев Враца. В недела на 16-ти јули Победа ќе игра со амбициозниот третолигаш Арда од Крџали, во вторник на 18-тти јули со нашиот нов прволигаш Академија Пандев, а на 22-ри јули со третолигашот Гоце Делчев Пирин. Шефот на Стручниот штаб Зоран Штерјовски пред заминувањето за Банско ја анализираше првата фаза од подготовките во Прилеп и го образлoжи планот за работа во комплексот ,,Пири,, во Банско: -Првиот дел од подготовките беше аеробна фаза во која одработивме 10-тина дена, додека втората фаза ќе ја реализираме во Банско наредниве 10-тина дена каде исто така ке обрнеме внимание напоредно и на физичкиот и на тактичкиот дел. Ќе работиме на воигрување на тимот и ќе пробаме одредени играчи на повеќе позиции така да ќе имаме комплетна слика за секој играч поединечно. За време на подготвките во Банско закажани се 4 пријателски натпревари, а таму планираме 5 тест средби. Што се однесува до новите играчи прилично добро се адаптираат на новата средина и се надевам со престојните натпревари целосно ќе се вклопат и во тимот. По враќањето од подготовките во Банско Победа има договорено две тест средби:со косовскиот прволигаш Лирија од Призрен на 26-ти јули во Охрид и со новиот второлигаш Саса од Македонска Каменица на 5-ти август во Прилеп. Единствено отанува да се дефинира противникот за генералката, исто така во Прилеп, а во комбинација се второлигашите Борец или Тиквеш. Новото првенство на Првата лига започува на 13-тти август.