По 15-ти пат во Прилеп се одржа манифестација „Вешта жена“, на која од страна на 5 учеснички беа презентирани 5 уникатни декорации на јадења на различни теми.
Победничката на општинскиот натпревар, ќе биде дел од републичката манифестација „Вешта жена“, која ќе се одржи во Лешок.
Прилепчанки уште еднаш ја покажаа својата умешност во кујната и декорирањето со своите неверојатни креации.
На синоќешната манифестација креацијата “Бегство” на Катерина Николоска го освои првото место.
„Се викам Катерина Николоска, а името на масата ми е „Бегство“. Секој сака да избега некаде, моето место за бегање е во планина. Ја подготвував еден месец, а идејата ја разработував цела година“, изјави победничката.
Манифестацијата „Вешта жена“ во Прилеп ја посетија повеќе од 350 жени, коишто се забавуваа и со восхит ги разгледуваа и се интересираа за декорациите на натпреварувачките.
Инаку, почетоците на „Вешта жена“ датираат од 1992 година. Тогаш во Тетово за прв пат се организираше ваков кулинарски натпревар, којшто потоа најде свој одзив и во другите градови во државата.