Богатството од преданија и разни народни кажувања во Варош и Прилеп е поврзано со духовното и културното минато на овој простор. Трагите од културното богатство се среќаваат како на материјален, така и на духовен план.
Преданијата се дел од духовното богатство кои се во директна врска со материјалните случувања и содржини. Некои од преданијата имаат дури и пророчки или проклетнички карактер. Едно од таквите, кое е посебно набиено со мистика, е преданието за црквата Свети Атанас во Варош.
Таа и денес е здрава градба без покрив само на стотина метри подолу од манастирот Свети Архангел Михаил. Храмот претставува мошне привлечен објект изграден од добро обработен бигорен камен и печени цигли. Според археолозите, потекнува од 14 век како и повеќето здрави и разурнати цркви од Варош. Таа се одликува со отсуство на покрив и со преданието врзано за покривот.
Преданието говори за непознато проклетство врзано за црквата Свети Атанас. Според него, покривот на црквата мајсторите повеќепати се обидувале да го направат, но и покрај големите заложби, не можеле да го изградат, бидејќи некоја непозната сила на мистериозен начин го уривала. Така сé што ќе направеле преку денот, во ноќта таинствено било рушено. Тешко е да се утврди од кои причини оваа убава градба и ден денес нема покрив и дали проклетството од преданието е со вистинска сила. Но силен факт е дека градбата е без покрив.
Што е мистериозноста на преданието? Можеби е сосема од духовна природа која се однесува на несредените односи во одредени сфери на човечкиот дух што, од своја страна не дозволува организирање соодветна акција за поставување покрив на еден значаен и убав објект како што е овој импресивен храм.
Се разликува од останатите црковни градби во Варош. Меѓу нив и по апсидата која овде нема полукружна форма од надворешната страна, туку е аглеста. Тоа е поретка појава при градбата на божји домови. Самата градба зафаќа, речиси, квадратна форма, а во нејзините ѕидови се вградени повеќе стари елементи од градби, главно мермерни споменици од постари времиња, кои евентуално опстојувале на истиот простор или во неговата близина. Ваквите елементи од антиката ги забележале и археолозите и истражувачите кои се интересирале за културните остатоци. Археологот Сариа од Белград, кој во Прилеп доаѓал во 1923 година, констатирал дека црквата имала значителен број антички споменици вградени во самата градба. Според него, во црквата биле вградени четири големи мермерни столбови кои и во негово време стоеле вертикално само два. Столбовите, всушност, го држеле некогашниот покрив. Дали тој некогаш постоел? Дали покривот паднал откако долго време стоел на градбата или се работи за неуспешно покривање уште од почетокот. Фактот што градбата потекнува уште од времето на големиот број цркви исто така влезени во старото предание може да значи дека црквата во некое од подобрите времиња била дури и активна. Не е исклучено дека таа била една од црквите на посебните семејства во Варош, исто така опишано во посебно предание.
Околу неа се пронајдени многу археолошки остатоци, меѓу нив посебно се спомнуваат печки за топење руда, печки за печење керамика и слично. Во близина се ископани гробови од средниот век и се најдени монети од македонските кралеви. Тоа од своја страна е потврда за долгиот континуитет за користење на овој простор низ различните периоди.
До кога ќе трае проклетството на црквата Свети Атанас опкружена со толку големо богатство од стара култура од десетици векови? Прашањето, се чини, не е тешко, но одговорот…
77 цркви
Некогаш Варош имал 77 цркви. Од нив функционираат Св. Димитрија, Св. Никола, Св.Петар, Св. Богородица Пречиста, Св. Атанас, која е без покрив. Тука се манастирите Св. Арахангел Михаил и манастирот Св. Богородица Пречиста. Во стегите на грамадните камења на Златоврв, мирува црквата и конаците на Успение на Пресвета Богородица – Трескавец, од 13 век.
Извор: Зенит