ПРИЛЕПЧАНЕЦОТ КОЈ ГО ЕЛИМИНИРА КАЉАРИ: Симон Велкоски, некогашно крило и центарфор на Победа и Вардар

Фудбал: Симон Велкоски, некогашно крило и центарфор

-Играше за најсилните македонски екипи – Победа и Вардар

Nikade_nema_publika_kako_vo_Prilep___-_Simon_Velkoski

Од Мелбурн, Австралија,  пристигна фудбалска легенда, Симон Велкоски. Најчесто на позициите лево крило и центарфор во шеесеттите години од минатиот век успешно настапуваше за Победа и Вардар. Повозрасните ги паметат по головите со нога и со глава. Сметаат дека имал врвни, прволигашки квалитети.

Почетоците?

– Прв фудбалски учител ми беше Коле Небрежанец. Во 1960 година ме препорача во Победа, со тренерот Владимир Моша Марјановиќ. Бргу станав резерва, потоа и првотимец во екипата, југословенски второлигаш.

Моша?

– Неговата добрина и знаење беа злоупотребени. Југословенска легенда со илјада голови дојде директно од Италија. Заврши неславно поради поединци. Отпаднавме од Втората лига.

Потоа?

– За тренер дојде Стојан Богоевски – Гајда, човек кој, немаше некои познавања. Кога го освоивме првото место во Републиката, нé напушти, а претстоеја квалификации. Немаше кој да биде главен и тоа се одрази. На полувреме со Железничар во Ниш сите од управата кажуваа како да играме. Нормално, не успеавме.

Следниот?

– Дојде Звекановиќ, со кого успеавме убедливо да бидеме прваци. Дадов 22 гола есента и осум пролетта. Овојпат квалификациите ги поминавме. Дома со Ловќен игравме 1-1, а во Цетиње победивме со 0-1, со голот на Ангелески.

Шансата за Прва лига?

– Во сезоната 1965/66. Последното коло, иако водевме со 0-1, загубивме со 5-1 во Сомбор. Бевме трети на крајот, а можевме да бидеме први за пласман во Првата лига. Победувавме и на гости. Им ја сокривавме топката на домашните. Тренер беше Радовиќ.

Успехот во Купот?

– Стасавме до 1/4 финалето. Со тренерот Игнатоски го совладавме прволигашот Вележ среде Мостар. Мислеа дека ќе биде лесно и ги победивме со 3-4. Голем успех. За нив бранеше репрезентативецот Ќурковиќ.

Игравте и за Вардар?

– Во Прва југословенска лига. Настапивме и во Средноевропскиот куп 1968 година со италијанскиот Каљари за кого играа големи ѕвезди, како репрезентативецот Џиџи Рива. Дома ги победивме со 1-0, таму со 0-1, а јас го дадов голот. По шут на Спасовски, топката се одби, натрчав и ја затресов мрежата. Стигнавме до полуфиналето, каде не елиминира Спартак Трнава.

Публиката?

– На многу места сум играл – Тетекс, Тиквеш, Пелистер, дури Напредак Крушевац, а никаде не сум видел публика како овде. Кога се враќавме од Цетиње, слично како ракометарите на Вардар, нé пречека народ на Дервен и на Плоштад. Цел Прилеп живееше за фудбалот.

 

Извор: Неделник Зенит




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.