ПОЧНА ЦЕНЗУРАТА НА ИСТОРИЈАТА: Со брусилка избришан зборот „бугарски“ на споменикот на Благој Јанков-Мучето!

Народниот херој Благој Јанков – Мучето, кој на 14 јули 1944 година е предаден од домашни предавници, а потоа убиен од бугарската фашистичка полиција во центарот на Струмица, денес повторно е жртва на квислинзите. Неговото осквернавено спомен-обележје немо сведочи за незаинтересираноста на локалните власти за обновување на овој споменик на културата, но и гласно предупредува на опасноста дека многу скоро, ваквиот вандализам нема да биде исклучок туку со закон донесена одлука со која ќе се погазат илјадници жртви на фашистичка Бугарија на македонска територија. Посветеноста на Мучето во борбата за слободна и независна Македонија, очигледно, и ден денес некому му боде очи, штом се дрзнал да го осквернави неговиот вечен спомен и да избрише дел од стиховите испишани на паметникот, кои сведочат за неговите убијци, но и за непокорот на Македонецот:

Muceto-spomenik-Strumica-696x371

Тука
во татков двор
кога последен јазел плетеше
со крв и свила на слобода
и ноќта кон ден ближеше
бугарски куршум го прободе.

Скрца и сви стебло вековно
чиниш непокорот здивнал заден здив
и родот негов ќе падне в плен,
но се исправи споменот за
Благој Јанков Мучето.

Кому му пречел зборот „бугарски“ за да биде на вандалски начин, најверојатно со електрична брусилка, отстранет од споменикот, можеме само да нагаѓаме. Сепак, извршителот на ова грозно дело не ни е потребен за гласно да прашаме – кога и од кои причини градот Струмица се откажала од заштитата на овој споменик на културата? Дали овој народен херој по вторпат е жртва на домашни предавници, овој пат на предавничката политика на Заев и дали станува збор за очигледен пример како ќе изгледа бришењето на делови од македонската историја?

vtora

Истражувајќи ги овие моменти, дојдов до податок дека локалните власти најмалку пет години по ред лицемерно, без никаква почит кон историјата и жртвата, се поклонуваат пред вандализиран споменик, без притоа да преземат мерки за негова санација. Тоа што остава сомнеж дека осквернавениот споменик не е дело на обични вандали, туку на сериозна антимакедонска пропаганда поддржана од домашни предавници е симптоматичното совпаѓање на вандализирањето на споменикот со променетиот однос на локалните власти кон историските факти во врска со убиството на народниот херој Благој Јанков, сѐ со цел да бидат задоволени нечии политички агенди и неговите убијци и предавници да останат избришани од историјата.

Така, ако внимателно го слушате обраќањето на в.д. градоначлникот на Струмица Костадин Костадинов од 14 јули годинава, на годишнината од убиството на Мучето, ќе увидите дека и тој, како и вандалите на споменикот, ги цензурира деловите каде што се споменуваат „бугарски окупатори“, „бугарски фашисти“… и место тоа зборува за неидентификувани „окупатори“ и „фашисти“, кои убивале и измачувале македонски патриоти.

treta

Костадинов, зборувајќи за „должноста на денешните генерации да ги ползуваат фактите што го комплементираат мозаикот на револуционерниот пат на народниот херој“ нагласува дека Мучето бил организатор на отпорот против „окупаторот“, без да посочи против кого се борел Благој Јанков. Потсетувајќи на кобниот 14 јули 1944 година в.д. градоначалникот кажува дека револуционерот бил подмолно предаден и опколен од полицијата, без да наведе кој бил предавникот и чија била таа полиција? Лицемерно посочува дека „контрачетникот што му го попречил бегството бил од Малешевијата“, без да каже за кого работел и чија агенда спроведувал. Вели дека Мучето бил застрелан од „непријателски куршум“ избегнувајќи да посочи дека бугарскиот агент истрелал повеќе куршуми во телото на Јанков за да се увери дека е мртов. Споменува дека бил влечен по улиците на градот и дека на семејството не му било дозволено да го земе трупот, без да каже кој ѕверски се изживувал со мртвото тело на Јанков.

Трагајќи по архивите да дознаам колку време наназад градот Струмица прави цензура на историјата, дојдов до фрапантни податоци дека истата таа локална власт најмалку четири години се поклонува пред вандализиран споменик и чита ревидирана историја.

Или, поконкретно, истата ревидирана историја со избришани делови каде што се споменуваат „бугарски окупатори“ и „бугарски фашисти“ што ја читаше Костадинов, ја читал и претседателот на Советот на Општина Струмица, Јосиф Христов на сите претходни годишнини од 2014 година до лани. За разлика од нив, пак, поранешниот претседател на Советот на Општина Струмица, Марјан Дасковски во 2012 година и во 2013 година ги чита историските факти без никакви корекции и вели: од раката на домашните предавници и бугарската фашистичка полиција, беше ѕверски убиен непокорливиот слободар Благој Јанков – Мучето.

Зошто Заев ја цензурира историјата?

Strumica-Bugarska-fasisticka-policija

Од кои причини Зоран Заев и општина Струмица до 2013 година немале проблем со историските факти, а од 2014 година до денес користат ревидирана/цензурирана историја ќе треба да одговорат од кабинетот на Заев и од општинската администрација. Оттаму, исто така, ќе треба да кажат дали е поведена истрага за вандалот кому му пречеше „бугарскиот“ куршум на спомен-обележјето на Мучето и зошто до ден денес споменикот не е обновен од страна на локалните власти?

Од тоа што е општо познато е дека Зоран Заев во 2013 година дојде на лидерската позиција на СДСМ, а во 2014 година, со помош на повеќе амбасадори интензивно работеше на сценариото за насилно уривање на легално избраната власт. Истата година Заев го помина летото слушајќи ги нелегално прислушуваните телефонски разговори, кои подоцна ги искористи за целта, а од есента почна да му се заканува на тогашниот премиер Никола Груевски дека ако не се повлече ќе објави телефонски разговори што ги добил од странски служби.

Во 2012 година Струмица и уште девет други македонски општини и 16 општини од Југозападна Бугарија влегоа во заеднички проект за „создавање заедничка прекугранична мрежа за проекти во прекуграничниот регион“ со цел да се овозможи полесен пат до европските фондови.

– На тој начин многу лесно ќе направиме поврзување на нашите потреби, сѐ заради заедничко решавање на проблемите и за отворање заеднички перспективи во иднина во сите области во кои сме надлежни – изјави Заев во 2012 година.

Според информации од Министерството за локална самоуправа објавени во 2015 година, Струмица е општина што искористила најмногу пари од ЕУ од фондовите за меѓугранична соработка со општини, кои се дел од ЕУ. Министерството за локална самоуправа истата година објави нов повик за меѓугранична соработка со Бугарија со фонд од 20 милиони евра за следните седум години, кои ќе се однесуваат на проекти меѓу Македонија и Бугарија. Единствениот услов беше апликантот да има партнер коапликант од другата страна на границата.Од сите овие факти се наметнуваат повеќе прашања – дали Заев ги решава проблемите со збратимените општини од Бугарија со цензирурање на историјата? Дали цензурата на историските факти од страна на Општина Струмица во врска со убиството на народниот херој Благој Јанков – Мучето е побарана од бизнис-партнери од Бугарија како услов за соработка и полесен пристап до европски пари? Како и со кои проекти Струмица успеа да извлече најмногу пари од фондовите на ЕУ? Дали случајот со Благој Јанков – Мучето е само пилот-проект, кој на локално ниво требало да ја покаже подготвеноста на Заев да ја продаде историјата и да се увиди неговата подготвеност да влезе во еден сериозен проект за разнебитување на државата?

petta

Што вели историјата? Кој го уби Благој Јанков – Мучето?
Еден од најдобрите познавачи на животот и на револуционерната дејност на Благој Јанков – Мучето е Емилија Петковска, кустос-историчар во Националната установа „Завод за заштита на спомениците на културата, природните реткости и музеј“ во Струмица. По смртта на Петковска во 2012 година е издаден „Зборник на трудови во спомен на Емилија Петковска“ во кој се зачувани следниве белешки на Петковска:

„Струмица била окупирана од бугарските војски на 19 април 1941 година. Квислиншките сили настојувале да организираат свечен пречек на ‘ослободителите’. Наспроти нив, Партиското поверенство организирало масовни демонстрации (со учество на околу 1.500 демонстранти), предводени од Благој Јанков-Мучето и од Јосиф Јосифовски-Свештарот. Тие организирано се упатиле кон градскиот плоштад извикувајќи ги следниве пароли: ‘Смрт на шпекулантите’, ‘Македонија на Македонците’ и сл. Откако фашистичката Бугарија воспоставила административно-политичка и воена власт, условите за илегална работа биле отежнати. Окупаторот будно ја следел активноста на сите национално созреани струмичани, кои се бореле за самостојна и слободна Македонија од времето на Кралството Југославија и за сите се водело одделно досие. Олеснителна околност при тоа било што архивите на српската власт останале во Струмица, а во нив веќе биле забележани многу активисти, меѓу кои и Благој Јанков.

На 14 јули, пазарен ден, потерата сѐ уште траела, а Благој трчал низ струмичките улици, испотен, задишен, граѓаните му правеле пат, а потоа повторно се збивале за да ја спречат потерата во нејзините намери. Се приближувал до влезот на градскиот парк со надеж дека оттаму полесно ќе се пробие кон селата. Пред портата на паркот, од зад столбот, бил убиен од страна на контрачетникот Манчо Калпаков . (Калпаков потекнувал од беровското село Русиново, а бил член на бугарските паравоени формации наречени контрачети формирани од бугарските власти за борба против партизаните). До мртвото тело веднаш пристигнал агентот Миле Лазаров, при што и тој испукал неколку куршуми во телото на Благој Јанков-Мучето. На неговата мајка Кумjанија не ѝ било дозволено да го земе телото и да го погребе својот син. Ноќта, на 14 јули бугарските власти го однеле неговото тело и го фрлиле кај реката Тракајна. Сведок на овој гнасен чин бил Дине Цилев. Тој, откако заминале душманите, го погребал телото на Благој.По ослободувањето на Струмица, посмртните останки на Благој Јанков беа пренесени во Спомен-костурницата, со свечености како што прилега на човек-херој. За народен херој беше прогласен на 11.10.1951 година. Својот живот и сѐ што имаше овој струмичанец ги даде за револуцијата. Денеска, посмртните останки на Благој Јанков-Мучето се наоѓаат во аулата на Спомен-костурницата на ридот Сомораница, отворена на 4 јули 1982 година. Таму тој и неговите другари Сандо Масев, Герас Цунев, Васил Сурчев, Јанко Цветинов и други почиваат во мир и тишина“.

Извор: infomax.mk

 




Markukule.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.