Македонските музички поп ѕвезди Елена Ристеска, Тамара Тодевска, Викторија Лоба, Даниел Кајмакоски, Димитар Андоновски, Влатко Лозаноски, Мартин и Стефан од „Некст тајм“ и Златните славејчиња, деновиве, во продукција на „Веста“, на неколку локации во Скопје, го снимаа видео-спотот за божиќната „Вечниот Бог“.
Оваа песна децата низ земјава во овој претпразничен период интензивно ја учат и се подготвуваат за учество на бадниковата манифестација „Бадникови поворки“, која денес, на 6 јануари ќе се случува низ улиците на сите градови во Македонија како возобновена православна традиција на свечено, величествено и достоинствено најавување на Христовото раѓање.
Осумте ѕвезди од македонската естрада, кои учествуваат во реализацијата на проектот „Бадникови поворки“, и овој пат изјавија дека се пресреќни што се заедно, што се дружат и се сплотени во промовирањето на вистинските вредности пред своите фанови и македонскиот народ воопшто, чиишто амбасадори се токму тие.