Попладнево на стадионот на Могила, фудбалерите на Победа во 8-от контролен натпревар во подгтвителниот период го совладаа членот на Втората лига-Исток Осогово од Кочани со 2-0, полувреме 0-0.
Повеќе од евидентната разлика во квалитетот на екипите и играчите кои настапуваат во двата тима, не дава за право да се донесуваат некои реални судови за формата на тимовите во пресрет на новата фудбалска сезона.
Она што за тренерите е најбитно им дадоа шанса на сите играчи, пробаа тоа што сакаат да пробаат со одредени играчи на дадени позиции и тоа е ефектот од пријателските средби, во кои тренерите никогаш или ретко во прв план го ставаат резултатот.
Победа попладнево во Осогово немаше достоен противник, па веројатно и разликата во квалитетот диктираше помалку лежерен пристап, послаб дури и од тренинг меч меѓу играчите.
Прилепчани поведоа со 1-0 со ефектен погодок на младиот 17-годишен Лука Трајкоски, кој во 65-тата минута откосо, од 10-тина метри, со топовски удар под самата пречка го совлада 36-годишниот гостински голман Данев, кој беше далеку најсветлата точка во тимот од Кочани.
Конечните 2-0 ги постави искусниот Александар Крстески во 80-та минута со удар со глава по корнерот на Трајкоски. И на овој меч Победа пропушти шанси кои е потешко да не се искористат отколку да се претворат во гол. Мечот се одигра по доста топло време иако започна нешто пред 18 часот, а го проследија неколку стотини гледачи-колку што некои екипи-како Вардар имаат на своите првенствени натпревари.
Свое загревање за новата сезона со песни и навивање имаа и дел од членовите на НГ ,,Мајмуни,,.
Победа започна со:Талески, Станиќ, Крстески, Хумбатов, Карчески, Ј.Наумоски, М.Наумоски, Трајкоски, Шаркоски, Асани и Гешоски. Во вториот дел настапија уште:Димитриоски, Илијовски, Мустафов, Најдовски, Маневски, Неданоски и Цветаноски.
Последниот 9-ти контролен меч, воедно и генерална проба за стартот на новата сезона, Победа ќе го одигра в недела на стадионот на Могила од 17,30 часот против третолигашот ,,Кит-Го,, од Пехчево.