Со положување на свежо свеќе пред споменикот на Методија Андонов – Ченто денеска во Прилеп беа одбележани 60 години од смртта на овој наш голем македонски борец и прв Претседател на Президиумот на АСНОМ. Свежо цвеќе положи делегација од Општина Прилеп, предводена од градоначалникот Марјан Ристески, претставници на советот на Општина Прилеп, членови на семејството на Ченто, членови на организацијата на борци при Општина Прилеп, како и претставници на политичките партии и граѓански здруженија.
Ќерката на Ченто, Марија Јакимоска, која денеска се поклони пред споменикот на нејзиниот татко, истакна дека единствена партија која ја имал Ченто била Македонија и целиот свој живот тој го насочил кон нејзино ослободување и осамостојување.
„Денеска се навршуваат 60 години од смртта на мојот татко, еден долг период, но многу краток за мене за да се заборави неправдата која него му беше нанесена. Единствена партија која ја имаше татко ми беше Македонија и сите свои напори, сите свои желби, тој ги насочи кон ослободување, осамостојување и обединување на Македонија. Токму поради таа негова идеја тој бил почесто во затвор за време на српската и за време на бугарската окупација, а најмногу одлежа, 9 години, во слободна Македонија, за која тој толку многу се залагаше“, истакна Марија Јакимоска, ќерка на Методија Андонов – Ченто.
Ченто бил уапсен на 14 јули 1946 година од полицијата пред својата куќа во Прилеп, а на 31 јули Министерството за внатрешни работи објавува дека Ченто бил уапсен поради обид за бегство во Грција. На 8 август против него бил покренат обвинителен акт, а по само два дена Ченто бил осуден на 11 години затвор. Тој казната ја одлежал во „Идризово“ и во екстремно тешки услови бил чуван во „специјалната ќелија“. Од затвор излегол во 1955 година, по одлежани 9 години, а починал 1957 година од рак на желудникот.
„Денеска се потсетуваме на делото на нашиот сограѓанин и прв претседател на слободна Македонија, Методија Андонов – Ченто. Ова оддавање на почит нас ни е традиција не само кон Ченто туку и кон другите борци кои го дале животот за Македонија“, рече Љупчо Попоски, претставник на организација на борци од Прилеп.
Градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, рече дека делото на Ченто треба да биде потсетник за сите сегашни и идни генерации да не ги распродаваат националните интереси.
„Се навршуваат 60 години од смртта на овој наш голем борец за суверенитетот и интегритетот на Македонија. Неговото големо дело нека биде потсетник за сите сегашни и идни генерации на Македонци и политичари, да не ги распродаваат националните интереси за кој што тој и илјадници други биле жртви токму за оваа независна и самостојна Македонија во која денес живееме“, изјави Марјан Ристески, градоначалник на Прилеп.
Во 1990 година на барање на неговиот син, Илија Андонов, обновен е судскиот процес против Ченто и на 22 октомври, по повторената кривична пресуда, Окружниот суд во Скопје ја укина пресудата од 1946 година. На 22 октомври 2010 година, претседателот на Република Македонија постхумно го одликува Ченто со „Орден на Република Македонија“ орден кој го имаат само поранешните претседатели на Македонија и три реномирани македонски институции.
Вечерва во ликовна галерија во домот за култура Марко Цепенков ќе се одржи изложба на фотографии по повод 60 години од смртта на Методија Андонов Ченто, насловена како „Ченто – биографија низ фотографија“. Автор е Рубинчо Белчески, историчар, кустос – советник во Завод и Музеј Прилеп.